Турската компанија „Каво отомотив“ заинтересирана да инвестира во ТИРЗ Скопје

15

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, во рамки на посетата на Турција, како дел од владина делегација, по средбата во март годинава, денес оствари продуктивна средба со Кемал Аманоел, главен менаџер на компанијата „Каво отомотив“. На средбата се разговараше за плановите за инвестирање во ТИРЗ, при што беа разгледани конкретните чекори за успешна реализација.

Мултинационалната корпорација „Каво отомотив“, изрази сериозна подготвеност за инвестиција на нова фабрика во ТИРЗ Скопје во износ од 25 милиони евра каде што ќе има 500 нови работни места.

Директорот Димовски го посочи значењето на инвестицијата на Каво Отомотив, земајќи предвид дека турските инвестиции во зоните континуирано растат. Воедно, беа истакнати напорите и посветеноста на Дирекцијата за ТИРЗ како институција која активно работи за подобрување на условите за инвестирање во соработка со Владата и сите засегнати страни.

Основана во 1984 година, „Каво отомотив“ е мултинационална корпорација, која работи во индустријата за автомобилска опрема, дизајнира и произведува безбедносни производи, како и разни механизми и оперативни кабли за многу водечки производители на автомобили. Компанијата освен во Турција, моментално е присутна и во Канада, Германија и Словачка, а потенцијалната инвестиција во рамки на ТИРЗ ќе има клучно значење како за Македонија така и за Европа.

 

ИЗДВОЕНИ