Пред точно 20 години, Михаел Шумахер ја оствари својата последна победа во Формула 1. На 1 октомври 2006 година, на дождливата трка за Големата награда на Кина во Шангај, легендарниот Германец заврши пред Фернандо Алонсо и стигна до својата 91. победа во кариерата. Во тој момент. никој не можеше да знае дека тоа ќе биде последниот триумф на седумкратниот светски шампион.
Две децении подоцна, неговиот помлад брат Ралф. се присети на периодот кога Михаел сè уште не беше глобална икона на Ферари, туку негов идол и учител. Ралф е шест и пол години помлад, а токму Михаел му помагал во картингот, го советувал како да претекнува и кога да преземе ризик на патеката.
- Михаел ми беше тренер и механичар. Секогаш кога бевме на патеката за картинг, ме учеше како да претекнувам и кога да преземам ризик. Затоа, на некој начин, тој ми е идол, откри Ралф за официјалната веб-страница на Формула 1.
Браќата Шумахер пораснаа на картинг-патеката во Керпен, која ја водеше нивниот татко, додека мајка им се грижеше за ресторанот во комплексот. Токму таму Ралф на телевизија го следел дебито на Михаел во Формула 1 во 1991 година, кога настапи за Џордан на Големата награда на Белгија.
- Се сеќавам на тоа како да беше денес. Сите престанаа со возењето картинг и настана целосна тишина. Сите дојдоа да го гледаат почетокот на кариерата на Михаел на телевизија, раскажа Ралф.
Шест години подоцна и тој стигна до Формула 1, исто така со Џордан. Браќата потоа речиси една деценија се натпреваруваа во најбрзиот шампионат во светот, а заедно 16 пати се искачија на подиумот, при што пет пати ги освоија првите две позиции.
Ралф откри дека иако понекогаш се расправале бидејќи и двајцата сакале да победуваат, меѓусебната почит секогаш била присутна. Михаел, според него, бил особено горд кога неговиот помлад брат возел добро или победувал.
Денес, сепак, најголемата мистерија останува здравствената состојба на Михаел. По тешката несреќа при скијање во декември 2013 година, седумкратниот светски шампион речиси целосно исчезна од јавноста, а семејството строго ја чува неговата приватност.
Нема официјални и сигурни детали за неговата моментална состојба, додека сопругата Корина и најблиските продолжуваат да го штитат од јавноста. Ралф, пак, остана поврзан со Формула 1 и денес работи како аналитичар, продолжувајќи да го следи спортот во кој неговото семејство остави незаборавна трага.










