| Весникот ВЕЧЕР во трага на јужноамериканските гостинки! |
Не е првпат полициска акција во Гостиварско да открие странски државјанки што формално престојуваат во земјава како туристки, а, всушност, работат во ноќни локали. Последната акција повторно откри добро разработената шема преку која се злоупотребува безвизниот режим, а инспекциските контроли постојано се надмудрувани.
Во последната ноќна акција што ја спроведе СВР Тетово, во периодот меѓу 2:00 и 4:00 часот по полноќ, биле контролирани два угостителски објекти на гостиварското подрачје. Во селото Чегране бил уапсен педесетгодишен жител на Форино кој, според МВР, откако ги забележал полицајците, ја заклучил вратата од локалот и ги предупредил присутните да бегаат. Полицијата го блокирала задниот излез и спречила бегство на повеќе странски државјанки. Во двата локали биле приведени вкупно 15 жени на возраст од 19 до 40 години – од Србија, Албанија и од Колумбија. Единаесет биле затечени во Чегране, а четири во угостителски објект на подрачјето на полициското одделение Галате. Според МВР, тие го злоупотребиле туристичкиот престој, односно престојувале спротивно на целта за која влегле во државава.
Според информации од извори запознаени со истрагата, меѓу приведените има и државјанка на Колумбија, а нејзини сонароднички и претходно биле затечени во вакви контроли, па депортирани во оваа далечна јужноамериканска земја. Изворите велат дека се проверува дали станува збор за организирано носење девојки од странство преку посредници кои договараат нивно ангажирање со сопствениците на локали. Објаснуваат дека шемата најчесто започнува со легален влез во Македонија, како туристи. Навечер, велат тие, девојките прво работат како келнерки, а подоцна се задолжени да ги анимираат гостите. За егзотичен танц и за милување се добива бакшиш што најчесто започнува од околу илјада денари, но неретко е и значително повисок, особено во летниот период, кога престојуваат голем број иселеници во Полошкиот Регион.
Нашиот извор вели дека дел од угостителите внимателно го следат рокот на дозволениот туристички престој, а неретко има случаи кога сопствениците однапред дознаат за инспекциските контроли, па жените навреме се тргнувани од локалите.
Во изминативе години речиси да немаше летна сезона без акциски контроли во Тетовско и во Гостиварско, при што редовно се откриваат странски државјанки што работат спротивно на условите под кои влегле во земјава.
Македонија не е единствената земја што се соочува лажни туристки. Слични акции во последните години спроведуваа и Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, каде што полицијата откриваше странски државјанки што формално престојувале како туристки, а работеле во ноќни клубови. Европската агенција „Европол“ во повеќе анализи предупредува дека криминалните мрежи често ја користат легалната туристичка миграција за прикривање на нелегалното вработување, а во одредени случаи – и за трговија со луѓе, поради што ваквите контроли имаат и безбедносна, а не само миграциска димензија.
Во конкретниов случај, полицијата засега соопшти дека ќе следуваат соодветни поднесоци против приведените, поради злоупотреба на туристичкиот престој, додека истрагата продолжува да истражува дали стои зад нивниот ангажман поширока организирана мрежа.
Според годишниот извештај на Бирото за јавна безбедност, само во текот на 2025 година полицијата во Тетовско-гостиварскиот Регион спровела 43 акции во ноќни локали. Во нив биле затечени 129 странски државјанки, а 81 завршиле со прекршочни постапки поради незаконски престој или злоупотреба на туристичкиот престој. На списокот на државјанства, покрај Албанија и Србија, се појавуваат и Колумбија, Украина, Бразил, Венецуела и други земји.
Колумбијките не се појавуваат првпат во полициските записници од Гостиварскиот Регион. Во ноември минатата година, во угостителски објект во селото Добридол биле откриени девет колумбиски државјанки, кои, според полицијата, го злоупотребиле туристичкиот престој. Претходно, во тој регион, освен од Колумбија, биле откривани и државјанки од Бразил и од Венецуела, што укажува дека јужноамериканските државјанки се омилени меѓу гостите во ноќните локали. (П. А.)












