вторник, август 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Турците направија туристички бум

Турците направија туристички бум

31

Во јуни, Македонија ја посетиле над 113 илјади туристи, кои оствариле повеќе од 221 илјада ноќевања. Странските гости и натаму доминираат во туристичкиот промет, а најбројни се туристите од Турција.

Странските туристи учествувале со 77,2 проценти во вкупниот број гости, додека домашните со 22,8 проценти. Слична е структурата и кај ноќевањата – 70,8 проценти биле остварени од странски туристи, а 29,2 проценти од домашни гости.

Во јуни, Македонија ја посетиле 24.570 турски туристи. По нив следуваат гостите од Србија со 8.522, Германија со 4.396 и Бугарија со 3.207 посетители.

Но, и покрај растот кај странските гости, податоците за првата половина од годината покажуваат благ пад на туристичкиот промет.

Од јануари до јуни 2026 година, вкупниот број туристи е намален за 0,5 проценти во споредба со тој период минатата година. Кај домашните туристи, падот изнесува 3,1 процент, додека кај странските е регистриран раст од 0,3 проценти.

Има намалување и кај ноќевањата. Во првите шест месеци од годинава се остварени 1,5 проценти помалку ноќевања во споредба со тој период лани. Кај домашните туристи, падот е 3,3 проценти, а кај странските 0,7 проценти.

И покрај вкупниот пад, странските туристи остануваат главен двигател на туристичкиот промет во земјава. Турција и понатаму е убедливо најзначаен извор на странски гости, а податоците за второто полугодие ќе покажат дали ќе успее летната сезона да го ублажи падот регистриран во првите шест месеци.

ИЗДВОЕНИ