вторник, август 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Приоритет на Владата се болници, железници и енергетски проекти

Приоритет на Владата се болници, железници и енергетски проекти

7

Министерството за финансии ја објави првата конечна листа на јавни инвестиции, која опфаќа капитални проекти од здравството, инфраструктурата, енергетиката, образованието, земјоделството и од животната средина. Листата е одобрена од Комитетот за јавни инвестиции и усвоена од Владата.

Меѓу проектите се изградба и реконструкција на клиничките болници во Тетово, Штип и во Кичево, изградба на студентски дом и медицински факултет, како и реконструкција на железничкиот Коридор 8 на делницата Скопје – Кичево и изградба и реконструкција на брза железничка пруга покрај Коридорот 10.

Во енергетиката се предвидени батериски системи за складирање електрична енергија, SCADA-системи, ветерен парк Миравци, комбинирана гасна електрана во ТЕЦ „Битола“, проширување на топловодната мрежа во Битола и пловечка фотонапонска електрана „Шпилје“.

Од Министерството за финансии велат дека листата е дел од нов систем со кој треба подобро да се планираат и реализираат капиталните инвестиции. Секој од проектите е вреден над 5 милиони евра, а реализацијата и финансирањето се предвидени во повеќе буџетски години.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, посочува дека прво ќе се проверуваат проектите за нивната подготвеност, изводливост и одржливост, пред да стигнат до Комитетот за јавни инвестиции и до Владата. Како што вели, на овој начин треба да се избегнат состојбите од минатото, кога започнувале проекти, а потоа, поради недоволна подготвеност, следувал застој.

Сепак, од Министерството нагласуваат дека тоа што се наоѓа проектот на конечната листа не значи автоматски дека ќе биде и финансиран. Одлуките за финансирање ќе се носат во следната фаза, во зависност од расположливите средства, зрелоста на проектите и од приоритетите на Владата.

Целта на новиот систем е капиталните инвестиции да бидат подобро подготвени уште пред да се донесе одлуката за нивно финансирање, со што би се избегнал долг застој и би се обезбедило поефикасно користење на јавните средства.

ИЗДВОЕНИ