недела, септември 27, 2026
Дома СВЕТ Трагедија во Германија: Туристички автобус излета од автопат, има загинати

Трагедија во Германија: Туристички автобус излета од автопат, има загинати

11

Две лица загинаа, а повеќе лица се повредени кога туристички автобус се преврте на автопатот А96 кај Бухлое во Баварија. Едно лице во моментот на несреќата било во животна опасност, додека осум лица се тешко повредени.

Несреќата се случила нешто по шест часот наутро кај излезот Бухлое-Ост, во правец кон Минхен. Во автобусот имало околу 50 луѓе, а според наводите на полицијата станува збор за туристичка група од Филипините. Сè уште не е познато каде патувале.

Автобусот, кој е регистриран во Италија, од засега непознати причини скренал од десната страна на коловозот, поминал низ заштитната ограда и излетал низ насипот покрај автопатот. Во несреќата не учествувало друго возило. Предниот дел од автобусот е тешко оштетен.

На местото на несреќата се ангажирани голем број припадници на итните служби, противпожарната служба со јажиња и дрвени потпирачи го обезбедила автобусот на падината, а подрачјето го надлетувал и хеликоптер.

Полицијата првично процинила дека се повредени 26 лица, но подоцна беше соопштено дека се работи за поголем број повредени. Идентитетот на загинатите и повредените засега не е објавен.

Германското обвинителство ангажираше вештак кој ќе ја реконструира несреќата и ќе ја утврди нејзината причина.

ИЗДВОЕНИ