Премиерот Христијан Мицкоски најавува јавна дебата за можноста граѓаните сами да изберат дали ќе уплаќаат во двата пензиски столба или само во државниот ПИОМ, оценувајќи дека приносите од вториот столб не ги исполниле очекувањата. Пензиските друштва се залагаат за унапредување на системот, повисоки приноси и за поголеми можности за инвестирање, додека МАПАС засега се фокусира на реформите и на заштитата на осигурениците. Професорот Дејан Трајковски предупредува дека евентуалното префрлање на акумулираните средства во државниот фонд може да донесе краткорочно олеснување, но и долгорочни ризици за јавните финансии. Во игра се 3,5 милијарди евра пензиски заштеди на повеќе од 642 илјади граѓани

Повеќе од 643 илјади граѓани досега имаат акумулирано околу 3,55 милијарди евра пензиски заштеди во трите задолжителни приватни пензиски фонда. Станува збор за огромен финансиски капитал, кој во наредните години треба да обезбеди дополнителен приход за идните пензионери, а токму неговите улога и иднина се во центарот на актуелната расправа за реформите во пензискиот систем. Премиерот Христијан Мицкоски, во телевизиско интервју, најави дека се разгледува можноста граѓаните сами да изберат дали ќе штедат во двата пензиски столба или само во државниот ПИОМ.

Според него, резултатите од вториот столб не се според очекувањата, додека пензиските друштва и дел од економските експерти предупредуваат дека неговото укинување може да создаде сериозни последици за јавните финансии. Мицкоски посочи дека во моментов нема проблем со исплатата на пензиите, но дека мора навреме да се размислува за иднината. Главната забелешка ја насочи кон приносите што ги остваруваат друштвата што управуваат со средствата на осигурениците. Според него, при воведувањето на вториот столб се очекувале приноси од околу 5 %, додека сега тие се движат околу 1,5 %.

– Правецот во кој се размислува е да им се остави можност на граѓаните во иднина да изберат дали би сакале да издвојуваат средства и во вториот или би останале само во првиот – државниот фонд. Тоа е едно од можните решенија, но ќе треба јавна дебата за ова – изјави Мицкоски.

Токму оваа разлика, вели тој, ја отвора дилемата дали добиваат граѓаните доволно од парите што се издвојуваат од нивните плати со години и потенцира дека ќе се преземе сè што е потребно доколку е тоа во интерес на македонските граѓани, без разлика на политичката цена.

– Политичката цена никогаш не била мој приоритет. На крајот на денот, доколку ние мислиме дека е добро нешто за државата, ние сме подготвени да платиме која било политичка цена – истакна Мицкоски.

Од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови, која обединува три пензиски друштва, не се согласуваат дека треба да се бара решението во укинување на вториот столб. На брифингот одржан на 30 јули, тие посочија дека средствата се личен имот на осигурениците, се наследни и претставуваат важна заштита за нивната финансиска сигурност во староста. Според најновите јавно објавени податоци на МАПАС, на 30 септември октомври 2026 година, трите задолжителни приватни пензиски фонда управуваат со вкупно 215,18 милијарди денари, односно приближно 3,5 милијарди евра, а просечниот годишен принос надминува 5,5 %. Станува збор за акумулирани пензиски заштеди на 642.652 члена, кои се наоѓаат во фондовите „КБ Прв“, „Сава“ и „Триглав“, од каде што сметаат дека треба да се решава проблемот преку подобрување на системот, а не преку негово укинување. Меѓу предлозите се и воведување мултифондови, односно различни инвестициски стратегии, зависно од возраста на осигуреникот, како и проширување на можностите за вложување. Нивната забелешка е дека постојните законски ограничувања го стеснуваат просторот за инвестирање и за остварување повисоки приноси.

МАПАС засега не се изјаснува дали е за укинување или за задржување на вториот столб, туку се залага за негово подобрување и за заштита на осигурениците. На 19 октомври објави информација за лицата со бенефициран стаж, кои можат да изберат дали ќе продолжат да бидат членови на вториот столб, со рок за поднесување изјава до 20 јануари 2027 година. Станува збор за промена што се однесува на посебна категорија осигуреници, а не за општа одлука за укинување на системот.

Професорот Дејан Трајковски оценува дека национализацијата на средствата од вториот столб не е долгорочно решение, затоа што може да создаде долгорочна финансиска штета за државата. Неговата главна теза е дека не треба да се гледаат парите собрани во приватните пензиски фондови како брзо решение за проблемите на ПИОМ, туку како заштита од многу поголем товар што би го имала државата во иднина. Тој укажува дека државата секоја година од буџетот надополнува околу една милијарда евра за да може редовно да ги исплаќа пензиите.

Според негова оцена, во следните 15-20 години би требало да се почувствуваат придобивките од вториот столб, кога ќе почнат да се пензионираат работниците што целосно го поминале работниот век со уплати во двата фонда. Но, предупредува дека префрлањето, според него, на околу три милијарди евра акумулирани средства од задолжителниот во државниот фонд би можело да овозможи исплата на пензиите без дополнителни буџетски дотации во период од околу три години. Вели дека тоа би било само привремено олеснување, бидејќи средствата наменети за идните пензионери би се потрошиле за покривање на сегашните обврски.

Мицкоски, пак, потсетува дека има различни примери во Европа, каде што едни држави го национализирале вториот столб, а други се одлучиле за враќање кон државниот пензиски модел. Сепак, нагласува дека конечната одлука треба да следува по јавна дебата и разгледување на експертските мислења.

– Во земји од Централна Европа комплетно се национализирал вториот пензиски столб, има и примери во скандинавските земји, каде што му се става крај на двостолбниот систем, но Владата, сепак, размислува да им го остави овој избор на самите граѓани – заклучува премиерот Мицкоски.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ