петок, октомври 30, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Половина од работниците во земјава работат во индустријата и трговијата

Половина од работниците во земјава работат во индустријата и трговијата

17

Трговијата и преработувачката индустрија остануваат двата најзначајни столба на македонската деловна активност. На нив отпаѓа речиси половина од вкупниот број вработени во пазарно ориентираните деловни субјекти, односно повеќе од 202 илјади работници. Ова го покажуваат најновите податоци од структурните деловни статистики на Државниот завод за статистика (ДЗС) за 2025 година.

Според статистичките податоци, во земјава биле евидентирани 70.843 деловни субјекти со вкупно 428.235 вработени. Тие оствариле промет од 2.226.478 милиони денари, додека бруто додадената вредност изнесувала 522.087 милиони денари.

Најголем дел од вкупниот промет е остварен во секторот трговија на големо и на мало, кој учествува со 860.943 милиони денари или 38,7 проценти. На второто место е преработувачката индустрија со остварен промет од 544.567 милиони денари, што претставува 24,5 проценти од вкупниот износ.

Сепак, кога станува збор за создавањето нова економска вредност, преработувачката индустрија е водечки сектор. Таа остварила бруто додадена вредност од 136.790 милиони денари, односно 26,2 проценти од вкупната вредност. Трговијата учествува со 20 проценти, или 104.538 милиони денари.

Значаен придонес има и градежништвото, со создадена додадена вредност од 52.467 милиони денари, што претставува 10 проценти од вкупната сума. Информациско-комуникацискиот сектор, во кој се вбројуваат телекомуникациите, компјутерското програмирање, консултантските и другите информатички дејности, учествува со 9,2 проценти, односно 47.881 милион денари.

Овие четири сектори заедно создаваат повеќе од 65 проценти од вкупната бруто додадена вредност на пазарно ориентираните деловни субјекти во земјава.

Покрај значајниот удел во прометот и создавањето економска вредност, преработувачката индустрија и трговијата се и најголемите работодавци во земјава.

Најмногу вработени има во преработувачката индустрија, каде што работат 111.149 лица во 8.172 активни претпријатија. Веднаш зад неа е трговијата на големо и на мало, со 91.463 вработени во 19.542 деловни субјекти.

Заедно, двата сектори обезбедуваат работа за 202.612 лица, што претставува 47,3 проценти од вкупниот број вработени опфатени со статистиката.

Другите работници се распределени во повеќе економски дејности. Во градежништвото се вработени 31.454 лица, во транспортот и во складирањето 30.115, додека стручните и техничките дејности опфаќаат 25.709 вработени.

За трошоци поврзани со вработените, деловните субјекти во текот на 2025 година издвоиле вкупно 281.093 милиони денари.

Податоците на Државниот завод за статистика потврдуваат дека трговијата и преработувачката индустрија и натаму имаат клучна улога во македонската економија. Додека трговијата предничи според остварениот промет, преработувачката индустрија е водечка според бројот на вработени и придонесот во создавањето бруто додадена вредност.

ИЗДВОЕНИ