По повод 25 години СОС Детско село Македонија, на 19 септември, Градскиот парк во Скопје ќе се претвори во голема патека на солидарност, долга 4 километри и симболично исцртана во форма на срце. Досега ги обединуваше компаниите и луѓето од ИТ-заедницата, а оваа година „срцето“ станува поголемо.
– Под мотото „Трчаме со срце“, СОС хуманитарната трка powered by IT4Charity ги повикува сите – искусни тркачи, рекреативци, тимови, пријатели и семејства да трчаат за една заедничка цел: ниту едно дете да не расте само. И не е важно кој прв ќе стигне до целта, важно е зошто трчаме – соопштија од СОС Детско село Македонија.
Веќе 25 години СОС Детско село Македонија обезбедува грижа, сигурност и поддршка за децата и за младите без родителска грижа и им помага на семејствата што се соочуваат со сериозни животни предизвици. Во изминатите две и пол децении, преку програмите на организацијата беа променети повеќе од 6.090 животи на деца, млади, згрижувачи и семејства.
Токму затоа и патеката на 19 септември нема случајно да биде во форма на срце.
– За некого, тоа ќе бидат само четири истрчани километри. За нас, секој од тие чекори носи многу поголемо значење. Зад нив стои поддршка на многу животни приказни што чекаат можност за подобра иднина. Патеката е во форма на срце, затоа што љубовта, грижата и чувството дека некој е покрај нас навистина може многу да променат – велат од СОС Детско село Македонија.
Средствата собрани преку СОС хуманитарната трка powered by IT4Charity ќе бидат наменети за програмите преку кои организацијата обезбедува поддршка за децата и за младите без родителска грижа, ги зајакнува семејствата во ризик и помага децата да растат во сигурна и грижлива семејна средина.
Пријавувањето за СОС хуманитарната трка е веќе отворено.












