МАКЕДОНИЈА ТРЕТА ВО ЕВРОПА ПО БРОЈ НА ФЕМИЦИДИ, СЕДУМ САМО ГОДИНАВА, ПРОТЕСТ ВО СКОПЈЕ
Со транспаренти, кренати гласови и имињата на жените чии животи беа згаснати со насилство, граѓаните маршираа низ Скопје барајќи правда за 17-годишната Билјана Кириќ и за крај на фемицидите. „Молкот е соучесништво“, „Жена, живот, слобода“ и „Ниту една повеќе“ беа пораките што одекнуваа низ улиците, заедно со барањето институциите конечно да преземат одговорност. Активистите побараа целосно расчистување на случајот со Билјана, санкции за пропустите и конкретни механизми за заштита на жените и девојките, наместо нови ветувања по секое убиство. Зад протестните пораки стои и алармантната статистика: според податоците што ги посочија организаторите, Македонија е трета во Европа според бројот на фемициди, со седум убиени жени само годинава. Додека имињата на жртвите се множат, од улиците повторно се слушна истото барање – веќе ниту една жена да не го загуби животот затоа што не добила заштита кога ѝ била најпотребна
„Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја, Билјана… Ниту една повеќе!“ Со овие имиња и со барање за одговорност, а не за сочувство, граѓаните вчера излегоа на улиците во Скопје. Секое од овие имиња е приказна за живот прекинат со насилство. Последното име во низата е на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, која и покрај тоа што претходно пријавила насилство и закани по живот, а ѝ биле изречени и мерки за заштита, беше убиена од својот партнер. Нејзината смрт повторно го отвори прашањето што се повторува по секој фемицид: кој потфрлил и зошто жените и девојките и понатаму остануваат незаштитени и тогаш кога бараат помош?
Од паркот „Жена борец“, преку Собранието и Министерството за правда, до Министерството за образование, протестниот марш беше порака дека убиствата на жените не се изолирани трагедии, ниту љубовни драми, туку прашање на системска одговорност. Незадоволството и гневот поради повторувањето на ваквите случаи беа испишани и на транспарентите што ги носеа учесниците и паролите што ги извикуваа: „Жена, живот, слобода!“, „Стоп за фемицидот!“, „Гласни против насилството!“, „Молкот е соучесништво, одбивам да молчам!“, „Не бараме сочувство. Бараме одговорност!“ Ова беа дел од пораките со кои граѓаните побараа крај на насилството врз жените и конкретна одговорност од институциите.
Пред стартот на маршот, Елена Петрова, една од учесниците, изјави дека институциите повторно потфрлиле во спречувањето на опасноста и дозволиле да се случи убиството на Билјана. Петрова нагласи дека секое убиство на жена не е само насилство туку е одраз на подлабок системски неуспех.
– Насилникот има историја на насилство. Кога девојче бара заштита и потоа е убиено, тоа е прашање на конкретна одговорност. Ова е фемицид. Секое убиство на жена не е само чин на насилство туку одраз на многу подлабок неуспех на нашиот систем. Уште колку семејства треба да завиеме во црно додека слушаме изрази на сочувство, осуди и ветувања, а истото продолжува да се повторува. Ова е машко и системско насилство, рече таа.
Активистите побараа целосна истрага за случајот со Билјана, санкции за сите институционални пропусти, итно усвојување на законските измени за заштита од насилство, враќање на родот и родовата еднаквост во законите и образованието, како и разрешување на функционерите кои го оправдуваат или нормализираат насилството врз жените.
– За сите пропусти бараме имиња, одговорност и санкции. Второ, итно поднесување и усвојување на законските измени за заштита од насилство. Трето, вратете ги родот и родовата еднаквост во законите, програмите и образованието од каде што ги избришавте. Не може да водиме борба против родово базирано насилство додека политички ја поткопуваме самата основа за негово препознавање. Четврто, разрешете ги од јавни функции оние што повикуваат на контрола врз жените, го оправдуваат насилството или го нормализираат нивното потчинување. Ова не се нови барања, истите барања ги повторуваме со години, изјави Петрова.
Алармот е уште погласен ако се погледнат бројките. Според податоците наведени од организаторите на овој протест, Македонија е трета во Европа според бројот фемициди, а само годинава се евидентирани седум случаи.
Додека граѓаните бараат институциите да преземат одговорност, по убиството на Билјана повторно се актуализираше идејата за воведување електронски нараквици за следење на сторителите на насилство. ЛДП, предводена од Моника Зајкова, покрена петиција со која бара воведување на овој механизам, кој треба да овозможи навремено предупредување на жртвата и надлежните институции доколку сторителот ја прекрши судската забрана за приближување. Зајкова ги повика граѓаните да ја поддржат иницијативата. Овој предлогот не доби поддршка во Собранието во март годинава. Од партијата сметаат дека државата веќе располага со дел од потребната опрема и дека недостига политичка волја за нејзина примена во заштитата на жртвите.
Но, ниту една петиција, законска измена или институционално ветување нема да ја врати Билјана, ниту жените чии имиња вчера одекнуваа низ улиците на Скопје. Она што може и мора да се промени е следната приказна да не заврши со ново име на транспарент, нов протест и ново институционално извинување. Зашто заштитата не смее да дојде откако ќе биде предоцна. „Ниту една повеќе!“ не е само слоган од протестот, туку барање жените да можат да живеат без страв и да бидат заштитени кога ќе побараат помош. (В. С. Н.)












