понеделник, август 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Почит за загинатите бранители кај Љуботенски бачила – нивниот пример нека биде...

Почит за загинатите бранители кај Љуботенски бачила – нивниот пример нека биде наш патоказ

5

За нас 10 август не е само датум, тоа е ден кога Македонија молчи од почит и кога се поклонува пред своите херои, ден кога со гордост и благодарност се сеќава на своите македонски бранители. Нивниот пример нека биде наш патоказ, а нивната храброст инспирација за секоја нова, сегашна и идна генерација. Нивната љубов нека остане вечен пламен што сите ќе не обединува. Денес повеќе од кога било, наша обврска е да ја чуваме вистината за нивното дело, порача Александар Стојкоски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, на централната комеморативна манифестација кај споменикот на паднатите бранители во селото Волково организирана од Општината по повод 25 години од загинувањето на македонските бранители кај месноста Љуботенски Бачила.

Чествувањето на 25 години од загинувањето на македонските бранители кај месноста Љуботенски Бачила, утрово започна со положување цвеќе кај спомен-обележјето на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров.

Почит кон осумтемина македонски бранители на социјалните мрежи одаде и премиерот Христијан Мицкоски кој напиша дека нивната жртва останува трајно потсетување на цената на мирот, слободата и безбедноста.

– Денес со длабока почит се поклонуваме пред нивната жртва и пред нивните семејства, кои 25 години ја носат болката од загубата на своите најмили – наведе премиерот. Мицкоски во објавата потсети и на Ацо Ангеловски, припадник на полициските сили, кој во 2000 година го загуби животот во Арачиново.

– Жртвата на бранителите не е само дел од минатото, таа е трајно потсетување дека мирот, слободата и безбедноста имаат своја цена – порача Мицкоски, додавајќи дека должност на државата е да го негува споменот на загинатите, да ја почитува нивната храброст и нивната приказна да ја пренесува на идните генерации.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, преку својот фејсбук-профил упати порака по повод годишнината од загинувањето на осумтемина припадници на резервниот состав на Армијата кај месноста Љуботенски Бачила.

Според Мисајловски, храброста и пожртвуваноста на бранителите претставуваат траен аманет за идните генерации.

На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.

ИЗДВОЕНИ