Иако заштитата на децата и младите беше посочена како една од главните причини за новото законско решение, објектите за игри на среќа ќе треба да се оддалечат најмалку 500 метри од училиштата дури од 1 јануари 2028 година. Катастарот подготвил предлог-правилник за мерењето, но тој сè уште не е донесен
НОВИОТ ЗАКОН ПРЕДВИДУВА 500 МЕТРИ ОДДАЛЕЧЕНОСТ, НО ПРАВИЛОТО ЌЕ СЕ ПРИМЕНУВА ДУРИ ОД 2028 ГОДИНА
Објекти за игри на среќа и натаму можат да се видат во непосредна близина на основни и средни училишта, иако новиот Закон за игрите на среќа предвидува тие да бидат оддалечени најмалку 500 метри од образовните установи. Причината е во преодните одредби на Законот, според кои правилото за оддалеченост нема да почне да се применува веднаш, туку дури од 1 јануари 2028 година. Тоа значи дека постојните објекти ќе можат да продолжат да работат на досегашните локации и во текот на целата 2027 година.
Заштитата на децата и на младите од изложеноста на коцкање беше една од главните причини со кои Владата го најави новиот закон. Кога во мај го утврди предлог-законот, како една од клучните промени ја посочи обврската казината, автомат-клубовите и објектите за електронски игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Беше најавено и дека во обложувалниците што се наоѓаат во тој радиус нема да биде дозволено поставување видеолотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа. Мерката беше образложена со потребата учениците да не бидат секојдневно изложени на коцкање и тоа да не се нормализира меѓу младите.
Уште повеќе што податоците од националното истражување ЕСПАД 2024 на Институтот за јавно здравје покажаа дека секој четврти ученик на возраст од 15 до 16 години во земјава се коцкал за пари во последните 12 месеци. Кај момчињата, процентот изнесува 34, а кај девојчињата, 16 отсто. Истражувањето покажува и дека 21 процент од сите ученици се коцкале во објекти, а 15 проценти учествувале во онлајн игри за пари. Дополнително, меѓу учениците што се коцкаат, показателот за проблематично коцкање пораснал од 4,5 проценти во 2019 на 7,6 проценти во 2024 година.
Законот беше усвоен во Собранието на 29 јуни 2026 година со 60 гласа „за“ и 20 „против“, а стапи во сила на 14 јули. Но, членот 190 предвидува одложена примена на одредбите за оддалеченоста од училиштата. Така, мерката што беше претставена како една од главните новини за заштита на учениците нема да донесе непосредна промена на локациите на постојните објекти. Според законското решение, обложувалниците со видеолотариски терминали, автомат-клубовите и другите објекти опфатени со одредбата за оддалеченост ќе треба да го исполнат условот од најмалку 500 метри од основните и средните училишта од 1 јануари 2028 година. Дотогаш, тие можат да продолжат да работат на постојните локации, без да биде применет новиот услов за растојание.
Дополнителен чекор за спроведување на мерката е утврдувањето на точниот начин на мерење. Од Агенцијата за катастар на недвижности, за весникот ВЕЧЕР информираат дека подготвиле предлог-правилник за начинот на утврдување на оддалеченоста и за формата и содржината на геодетскиот елаборат. Документот е испратен до Министерството за финансии за мислење, по што треба да следува негово донесување. Од Катастарот објаснуваат дека немаат надлежност да вршат физички проверки на деловните простории и самостојно да утврдуваат дали тие се на потребното растојание од училиштата. Нивната задача е да ја пропишат методологијата за мерење и начинот на изработка на геодетскиот елаборат.
„Растојанието нема да се пресметува воздушна линија, туку по најкратката безбедна патека од училиштето до влезот на просторијата во која се приредуваат игри на среќа. Тоа треба да се утврди со геодетски елаборат за посебни намени, изработен од овластен геодет – трговец поединец или од овластено друштво за геодетски работи“, објаснуваат од Катастарот.
Од Министерството за финансии, за ВЕЧЕР потврдуваат дека мерењето ќе се врши според најкратката безбедна пешачка патека од основното или средното училиште до влезот на објектот. Оттаму посочуваат дека деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа, вклучително и обложувалниците во кои има видеолотариски терминали, со исклучок на казината што се дел од хотели, треба да се усогласат со законските услови и да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата најдоцна до 1 јануари 2028 година. Надзорот над спроведувањето на Законот е во надлежност на Управата за јавни приходи, информираат од Министерството.
Одредбите за оддалеченоста се содржани во членот 24, но членот 190 прецизира дека тие ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2028 година. Со истиот преоден рок е предвидена и примената на одредбите за поставување ГПС-уреди на автоматите за игри на среќа и електронските видеолотариски терминали. Тоа значи дека и во текот на следната година, училиштата ќе останат во непосредна близина на објекти за игри на среќа кои сè уште не се усогласени со новото законско растојание. Примената на условот за оддалеченост ќе почне дури од 2028 година, а претходно треба да биде донесен и правилникот што ќе го утврди точниот начин на мерење. (П. А.)












