Младите брачни парови до 40 години ќе добијат можност да градат прв семеен дом со значително помали трошоци. Општината ќе им предложи на советниците да изгласаат ослободување од 40 проценти од комуналиите во урбаниот дел и целосно ослободување при изградба на куќи во руралните населени места. Со мерката, според градоначалникот Александар Стојкоски, целта е младите да останат и да создаваат семејства во Ѓорче Петров
Откако Град Скопје ги ослободи младите брачни парови до 40 години од плаќање на делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Градот, при изградба на нивната прва семејна куќа, слична најава стигнува и од општина Ѓорче Петров.
Градоначалникот, Александар Стојкоски, изјави дека на наредната седница на Советот на Општината ќе биде предложена точка на дневен ред со која младите брачни парови до 40 години ќе бидат ослободени од надоместокот за уредување на градежно земјиште во висина од 40 проценти, односно од делот на Општината во урбаниот дел и 100 проценти ослободување на младите брачни парови при изградба на индивидуален тип објекти во руралниот дел.
– Со оваа мерка сакаме да ги задржиме младите во Ѓорче Петров. Сакаме младите да основаат што е можно повеќе семејства во Општината и сите заедно да ја јакнеме заедницата овде во нашата општина – истакна Стојкоски.
И Град Скопје ги ослободи младите брачни парови до 40 години од плаќање на делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Градот, при изградба на нивната прва семејна куќа. На последната седница на Советот на Град Скопје, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, ги повика скопските општини да се приклучат со ослободување и од својот дел, со што оваа поддршка ќе достигне 100 % ослободување од комуналии.












