Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ наскоро ќе биде ставен во функција. Во тек е асфалтирањето на пристапните улици, со што се привршуваат активностите неопходни за негово поврзување со постојната сообраќајна инфраструктура. Ова го соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој посочи дека проектот, по долгогодишното одложување, конечно се придвижува кон реализација.
Според Ѓорѓиевски, во изминатите месеци биле решени проблемите со експропријацијата на земјиштето неопходно за изградба на пристапите, со што била ослободена трасата и создадени услови за продолжување на работите.
– Ветив дека во мојот четиригодишен мандат ќе го ставиме во функција. Но, за неполна година го одглавивме проектот и веќе ги асфалтираме пристапните улици – наведува Ѓорѓиевски.
Мостот, кој во изминатиот период меѓу граѓаните го доби прекарот „мост за ловење риба“ поради долгото неставање во употреба, треба да добие сообраќајна функција и да овозможи директно поврзување на двете соседни општини.
Од Градот очекуваат неговото ставање во функција да придонесе за полесно движење на граѓаните, скратување на времето на патување и намалување на сообраќајниот метеж.
Паралелно со активностите за пристапните улици, продолжува и процесот на експропријација на преостанатиот дел од трасата на булеварот, со цел негово целосно завршување.
Ѓорѓиевски најавува дека обврската на градската администрација е проектот да биде довршен во целост, оценувајќи дека исполнувањето на ветувањата треба да се потврдува со конкретни активности и видливи резултати.












