Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на турската општина Есенлер, Мехмет Тевфик Гоксу, свечено го пуштија во употреба новото декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост. На настанот присуствуваа и турскиот амбасадор Алпер Акташ, извршниот директор на Халк Банка, Фатих Шахбаз, и почесниот конзул Ајдован Адемоски. Ѓорѓиевски истакна дека новото осветлување ја нагласува убавината на мостот, едно од најзначајните обележја на Скопје, и претставува придонес кон зачувувањето на градското културно наследство.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на Општина Есенлер, Турција, Мехмет Тевфик Гоксу, свечено го пуштија во употреба новото декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост. На настанот присуствуваа и амбасадорот на Турција, Алпер Акташ, извршниот директор на Халк Банка, Фатих Шахбаз и почесниот конзул, Ајдован Адемоски.
– Постојат места на кои секогаш им се враќаме, затоа што во нив препознаваме дел од себе. За скопјани, такво место е Камениот мост. Во неговиот камен се врежани векови историја. На него се среќавале генерации, започнувале пријателства и се создавале спомени што траат цел живот. Над Вардар, меѓу двата брега, стои нашата заедничка гордост. Таа гордост повторно блеска. Новото осветлување ја истакнува убавината на неговите сводови и му дава посебна величественост во срцето на градот, уште една причина да застанеме, да погледнеме и да си кажеме колку убаво Скопје имаме. Токму таа убавина сме должни да ја чуваме. Со посветеност, со одговорност и со конкретни дела. Секое обновено обележје е почит кон оние што ни го оставиле и влог за оние што доаѓаат по нас – изјави Ѓорѓиевски.
Овој проект произлезе од Протоколот за пријателство и соработка меѓу Град Скопје и Општина Есенлер.
– Од договорена соработка до светлина – така се гради пријателство што остава трага. Камениот мост опстојувал со векови. Нашата задача е да се погрижиме и генерациите по нас да го гледаат со истата љубов и гордост – рече Ѓорѓиевски.
Камениот мост во Скопје е една од најзначајните знаменитости на градот. Сместен е во центарот на градот и ги поврзува плоштадот Македонија и Старата скопска чаршија. Постојат две претпоставки околу датацијата на мостот. Според првата, која е потврдена со археолошките проучувања, тој бил изграден во VI век, веднаш по катастрофалниот земјотрес од 518 г., во текот на градежните активности кои биле преземени низ сета Империја од страна на императорот Јустинијан I. Според втората претпоставка, која е поддржана со историски извори, мостот бил изграден во времето на султанот Мехмед II Освојувачот (1444 – 1446; 1451 – 1481), во периодот меѓу 1451 и 1469 г. Мостот денеска се смета за симбол на градот Скопје и е главен елемент на грбот на Скопје, кој, пак, е насликан на знамето на Скопје во жолтозлатна боја.
Во својата првобитна форма, мостот имал 13 сводови, со вкупна должина 213,85 метри и ширина од 6,33 метри. Тој бил изграден од травертински блокови наредени со големо мајсторство и точност, меѓусебно врзани со железни кламфи, зацврстени со леано олово, кршен камен и малтер употребени во внатрешноста на столбовите. Некои од нив – како што е, на пример, средишниот столб, кој во својот горен дел завршува со украсна ниша (стражарница), во својата внатрешност имаат големи простории со двојна функција, да го намалат оптоварувањето на столбот, но и да послужат како простории со пушкарници.
(А. П.)












