четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Трамп тврди дека во Техеран преговара со вистинските луѓе, Техеран вели дека...

Трамп тврди дека во Техеран преговара со вистинските луѓе, Техеран вели дека си преговара сам со себе

532
EPA/GAILAN HAJI

Советник на Трамп вели дека со едната рака нуди договор, а другата му е стегната во тупаница, „подготвен да ве застрела во средината на лицето“. Американските и израелските претставници истакнуваат дека Трамп развива дипломатски и воени опции истовремено, за да може да реагира во зависност од развојот на ситуацијата. Според нив, планирани се уште две до три недели воени операции, дури и ако почнат преговори. „Преговараме со бомби“, им рече министерот за одбрана, Пит Хегсет, на новинарите

 

Спротивставени информации за исходот на војната што САД и Израел ја водат со Иран доаѓаат од Вашингтон и Техеран. Американските медиуми известуваат дека додека САД распоредуваат војници на Блискиот Исток за копнена офанзива во Иран, а Иранците не престануваат да ги напаѓаат Израел и американските бази во соседните земји – се водат и мировни преговори.

Деновиве, американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека има напредок во разговорите и одредени точки на приближување, но иранската страна негираше постоење на преговори. Сепак, најновите сигнали укажуваат на можност за индиректна комуникација и претпазлива подготвеност да се разгледаат решенија што би можеле да доведат до деескалација на конфликтот. Според „Аксиос“, иранските претставници им порачале на земјите што посредуваат во мировните преговори со САД дека претседателот Трамп веќе ги изиграл двапати и дека „не сакаат повторно да се изгорат“. Иранските претставници им пренесоа на медијаторите  –  Пакистан, Египет и Турција – дека американските воени маневри и испраќањето засилувања само го продлабочуваат нивното сомневање дека повикот за преговори е измама.

– Трамп нуди договор со едната рака, а другата му е стегната во тупаница, подготвен да ве застрела во средината на лицето, живописно опиша еден советник на Трамп.

Амбасадорот на Иран во Пакистан, Реза Амири Могадам, во средата повтори дека неговата земја не преговара ниту директно ниту индиректно со САД, објавија државните медиуми. Сепак, тој додаде дека „пријателските земји се обидуваат да подготват терен за дијалог меѓу Техеран и Вашингтон, „за кој се надеваме дека ќе биде плоден и ќе доведе до крај на оваа наметната војна“. Истиот ден,  портпаролот на иранската армија изјави дека американскиот претседател се обидува „да го претстави својот пораз како договор“ и дека, всушност, преговара сам со себе.

Претходно, пакистанските власти изјавија за АП дека Иран добил предлог од 15 точки од САД за прекин на американско-израелската офанзива, од кои првите пет се однесуваат на нуклеарниот сектор. Вашингтон бара Иран никогаш да не се обидува да има нуклеарно оружје, да го предаде целото збогатено нуклеарно гориво на датум утврден од страните, како и да бидат демонтирани неколку клучни нуклеарни објекти и инсталации. Исто така, Иран ќе треба да се откаже од поддршката на милитантни групи и да престане да финансира или да вооружува организации како Хезболах или Хамас. Предвидени се и ограничувања за бројот на ракети со кои земјата може да располага, како и за нивниот дострел. Меѓу точките е и таа дека Ормутскиот Теснец мора да остане отворен за пловидба. Во замена, на Иран ќе му бидат укинати меѓународните санкции и ќе има поддршка за неговата цивилна нуклеарна програма. Според „Волстрит Џурнал“, Иран одговорил на тој  американскиот мировен план со свои барања кои вклучуваат затворање на сите воени бази на САД на Блискиот Исток, наплата за премин низ Ормутскиот Теснец, отштета за нападите врз земјата, гаранции дека војната нема повторно да почне, прекин на израелските напади врз Хезболах и укинување на сите санкции. Иран, исто така, инсистира на тоа да ја задржи својата балистичка програма без никакви ограничувања. Американски официјален претставник ги опиша овие барања како „смешни и нереални“.

Додека сите информации за преговори за прекин на војната светот ги зема со резерва, Трамп веќе го создава преговарачкиот тим, во кој би бил вклучен и потпретседателот, Џ. Д. Венс. Во меѓувреме, Иран ги ублажи ограничувањата за транзит низ Ормутскиот Теснец, дозволувајќи премин на бродови кои не се сметаат за непријателски и не поддржуваат воени дејства против Техеран, соопшти иранската мисија во Обединетите нации. Веројатно мислејќи на тоа, Трамп им рече на новинарите дека Иранците им испратиле многу голем подарок поврзан со „нафта и гас“ и со протокот низ Ормутскиот Теснец. Тој тврдеше дека тоа докажува дека САД преговараат со вистинските луѓе во Техеран. Сепак, американските и израелските претставници истакнуваат дека Трамп истовремено развива дипломатски и воени опции за да може да реагира во зависност од развојот на ситуацијата. Според нив, планирани се уште две до три недели воени операции, дури и ако почнат преговори. „Преговараме со бомби“, им рече министерот за одбрана, Пит Хегсет, на новинарите.

ИЗДВОЕНИ