четврток, октомври 29, 2026
Дома БАЛКАН Маровиќ: Вучиќ наскоро ќе почне контранапад, Вучиќ: Се враќаме за две години

Маровиќ: Вучиќ наскоро ќе почне контранапад, Вучиќ: Се враќаме за две години

99
EPA/MARKO DJOKOVIC

Некогашниот член на движењето „Отпор“, Иван Маровиќ предупреди дека власта на Александар Вуќиќ и покрај губењето на изборите, би можела да почне контранапад побрзо отколку што се очекува, користејќи ги политичките кризи и националните теми за да ги ослабне противниците и да ги продлабочи поделбите во општеството.

Осврнувајќи се на говорот на Вучиќ во недела, Маровиќ оцени дека тој покажал пркос, но не и сила, истакнувајќи дека неговото јавно незадоволство не треба да се толкува како знак на слабост.

-Вучиќ знае со кого си има работа и ги знае слабите точки на студентското движење, рече меѓу другото Маровиќ.

Според неговата процена, тој прво ќе се обиде да го ублажи политичкиот пад и да избегне кривична одговорност, а потоа да го ослаби новиот владејачки тим и евентуално да предизвика поделби во него. Како што објасни, може да се појави криза или инцидент што ќе бара внимание од целата јавност.

Се огласи и Вучиќ, кој рече дека на Србија и претстои тежок период, но најави и реорганизација на Српската напредна странка, како и враќање. Тој посочи дека не е оптимист, не очекува да се вратат на власт утре, но верува дека тоа ќе се случи за две години.

-Ќе се соочиме со безброј проблеми и огромна штета. За жал, она на што предупредував за време на кампањата, сега стана јасно преку нивните изнесени ставови. Ќе претрпиме огромна штета; ги видовте изјавите што доаѓаат од Москва – вешто срочени, но сепак е јасно што очекуваат кога велат дека „за танго се потребни двајца“. Ќе има многу проблеми – многу тешкотии и неволји. Што се однесува до приказната за „студентите“ или „нашите деца“ – тие се само извршители. Оние што ја организираа шарената револуција се оние што ја диктираат политиката, рече тој.

ИЗДВОЕНИ