Опседнат со идејата дека некој го украл американското злато, претседателот Доналд Трамп повторно бара да ги провери федералните резерви во Форт Нокс.
Во емисијата „Фул межр“ на „Синклер бродкаст груп“, Трамп одговори на прашање на гледач за ревизијата на Форт Нокс што наводно ја најавил минатиот февруари. Тој рече дека „си играл“ со идејата за ревизија и дека сакал да затропа на вратата на Форт Нокс, идеја што силно ја промовираше Илон Маск, тогашен шеф на Одделот за ефикасност на Владата (ДОГЕ).
– Се прашувам дали го оставиле златото во Форт Нокс бидејќи многу крадат, но не разјасни кој наводно би ги украл резервите.
Се проценува дека во воената база во близина на Луизвил, Кентаки, се чуваат 147,3 милиони фини тројански унции злато, по цена од 42,22 долари за унција. На прашањето дали навистина има потреба да се проверат резервите на злато, Трамп рече: „Па, не знам, сакам некогаш да одам во Форт Нокс. Сакам да видам дали е златото таму, и сигурен сум дека е“.
Трамп првпат зборуваше за проверка на резервите во Форт Нокс минатиот февруари, додека напорите на Маск во Одделот за владина ефикасност беа во полн ек, пишува „Форбс“.
– Всушност, одиме во Форт Нокс за да видиме дали е златото таму. Затоа што, можеби, некој го украл златото. Тони злато – им рече Трамп на новинарите.
Овие коментари следуваа по шпекулациите од Маск и од други критичари, кои честопати повторуваа слабо поткрепени теории на заговор за резервите на злато што постојат барем од 1970-тите. Неколкумина пратеници ги поддржаа напорите за проверка на резервите во Форт Нокс, вклучувајќи ги и: либертаријанскиот сенатор Ранд Пол, републиканец од Кентаки; конгресменот Томас Маси, републиканец од Кентаки, и сенаторот Мајк Ли, републиканец од Јута, кои дури тврдеа дека направиле „повеќе“ обиди за пристап до базата.
– Ние правиме ревизија секоја година. Сега можам пред камера да им кажам на американските граѓани дека има извештај од 30 септември 2024 година – целото злато беше таму. Секој американски сенатор што сака да дојде и да ја посети може да се договори преку нашата канцеларија – изјави секретарот за финансии Скот Бесент за „Блумберг“ кратко откако почнаа шпекулациите за резервите на злато.












