четврток, јули 2, 2026
Дома СВЕТ Tрамп откри детали од разговорот со Џинпинг, се однесуваат на Иран: „Ќе...

Tрамп откри детали од разговорот со Џинпинг, се однесуваат на Иран: „Ќе донесам одлука во наредните денови“

218
EPA/MAXIM SHEMETOV / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот откри дека за време на посетата на Пекинг разговарал со својот кинески колега Си Џинпинг за укинување на санкциите врз кинеските компании што купуваат иранска нафта и дека наскоро ќе биде донесена одлука за ова прашање.

Вашингтон неодамна воведе санкции врз неколку кинески рафинерии за нафта поради купување на тој енергетски извор од Иран. Меѓу нив е и „Хенгли петрохемикал“, една од најголемите приватни рафинерии во Кина, симбол на напорите на Пекинг за модернизација и подобрување на секторот, објави „Ројтерс“.

„Разговаравме за тоа и ќе донесам одлука во следните неколку дена“, им рече Трамп на новинарите во „Ер Форс Уан“, кратко по заминувањето од Пекинг, каде што имаше дводневни разговори со својот кинески колега Си Џинпинг.

Американските претставници, вклучувајќи го и самиот Трамп, за време на престојот во Пекинг разговараа за можноста Кина да ги зголеми купувањата на американски енергетски производи, но кинеската страна не ги спомена таквите договори во своите официјални извештаи.

Трамп нагласи дека му снемува трпение со Иран, дека за време на разговорите со Си се согласил дека на Техеран не треба да му се дозволи да има нуклеарно оружје и дека Ормутскиот теснец мора да биде отворен.

Тој додаде дека е подготвен Иран да ја суспендира својата нуклеарна програма 20 години, но само ако Техеран е „навистина“ посветен на тоа.

„Дваесет години се доволни, но нивната гаранција мора да обезбеди дека навистина се 20 години“, заклучи републиканецот.

Кинеското Министерство за надворешни работи издаде соопштение во петокот во кое ја изразува фрустрацијата на Кина од војната меѓу САД и Израел против Иран.

„Овој конфликт, кој никогаш не требаше да се случи, нема причина да продолжи“, соопшти министерството.

ИЗДВОЕНИ