недела, ноември 15, 2026
Дома СВЕТ Наплив на мигранти на Канарските Острови: За еден пристигнаа речиси 1.500 луѓе

Наплив на мигранти на Канарските Острови: За еден пристигнаа речиси 1.500 луѓе

1
EPA/STRINGER

Речиси 1.500 мигранти пристигнаа на шпанските Канарски Острови во саботата – што е најголем број во еден ден од 2020 година – објави денеска новинската агенција EFE, повикувајќи се на службите за поморско спасување.

Шпанската крајбрежна стража спаси вкупно 1.488 луѓе од 14 пловни објекти, наведува EFE. Ова претставува продолжување на трендот на зголемен прилив на луѓе од западноафриканските земји кон шпанскиот архипелаг, што се забележува уште од октомври.

Претходниот дневен рекорд изнесуваше 1.461 лице, спасени во водите кај Канарските Острови на 7 ноември 2020 година, соопштија во неделата службите за поморско спасување.

Иако вкупниот број на мигранти што пристигнале оваа година е намален во споредба со истиот период лани, наглиот пораст минатиот месец создаде дополнителен притисок врз прифатните центри и службите за итни случаи на некои од Канарските Острови – особено на помалите и помалку населените. Властите известија дека еден од пловните објекти што пристигнаа во саботата превезувал 240 луѓе, меѓу кои 12 жени и 36 деца.

Спасените мигранти се пренесени на Ел Јеро, еден од најмалите Канарски Острови. Повеќето од нив се од Сенегал, Гамбија и Гвинеја-Конакри. Дванаесет пловни објекти пристигнаа на Ел Јеро, додека еден стигна на Гран Канарија, а друг на Тенерифе, пренесува Ројтерс.

Шпанскиот министер за територијална политика, Анхел Виктор Торес, во неделата треба да го посети Ел Јеро за да разговара за зголемениот прилив на мигранти. Атлантската рута од Западна Африка до Канарските Острови е една од најсмртоносните миграциски рути во светот. Секоја година, илјадници мигранти се обидуваат да го поминат патот во преполни пловни објекти, настојувајќи да стигнат до шпанска територија и покрај немирното море, силните струи и големите растојанија.

Бројот на пристигнувања обично се зголемува во текот на есенските месеци, кога условите на море долж оваа рута се генерално помирни и поповолни за пловење.

Владините податоци покажуваат дека бројот на мигранти што пристигнале на Канарските Острови во периодот од јануари до 31 октомври е намален за 5,5 отсто во споредба со истиот период минатата година.

ИЗДВОЕНИ