Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека наскоро можеби ќе го прогласи Ормускиот теснец за „територија на Соединетите Американски Држави“, тврдејќи дека Соединетите Американски Држави имаат целосна воена контрола врз стратешки важниот воден пат за време на војната со Иран.
„Откако ќе завршиме со Иран, кој беше многу лошо поразен, можеби многу наскоро ќе го прогласам Ормускиот теснец за територија на Соединетите Американски Држави“, рече Трамп за време на говорот во Центарот за обука и разузнавање „Дејвид С. Мек“ во американската држава Њујорк, објави „Фокс њуз“.
Американскиот претседател, исто така, рече дека ја употребил војската „малку повеќе отколку што сакал“, но оцени дека притисокот врз Техеран е неопходен за да се спречи иранскиот режим да добие нуклеарно оружје.
„Не можеме да дозволиме Иран да има нуклеарно оружје“, рече Трамп.
Трамп во интервју за „Фокс њуз“ претходно денес изјави дека Соединетите Американски Држави имаат цврста контрола врз Ормускиот теснец, пофалувајќи го она што го опиша како блокада од „челичен ѕид“ и предупредувајќи го Иран да не извршува нови напади.
„Ние целосно го контролираме, поседуваме, буквално го поседуваме Ормутскиот теснец“, рече Трамп.
Трамп рече дека блокадата го чини Техеран „стотици милиони долари секој ден“ и рече дека широките санкции на САД, исто така, вршат притисок врз иранскиот режим.












