Кадилак направи голема промена во раководството на својот тим во Формула 1 бидејќи заминува Греам Лаудон од функцијата шеф на тимот. На негово место доаѓа 49-годишниот Марчин Будковски, искусен стручњак со повеќе од две децении работа во најбрзиот мотоспорт.

Лаудон беше дел од проектот на „Џенерал моторс“ и на „ТВГ Моторспортс“ уште од самиот почеток и имаше важна улога во обезбедувањето место за Кадилак во шампионатот. Функцијата тимски шеф ја презеде во декември 2024 година, но дебитантската сезона на Кадилак се покажа како исклучително тешка.

Тимот користи мотори на Ферари, а зад воланот се искусните Серхио Перес и Валтери Ботас. Сепак, Кадилак се соочи со низа технички проблеми и не успеа да направи посериозен напредок во текот на првата половина од сезоната.

Болидот MAC-26 моментално е далеку од темпото на конкурентите од средината на поредокот. Поради тоа, сопствениците одлучија да направат промена и да му дадат доверба на Будковски.

Полјакот влезе во Формула 1 во 2001 година, кога работеше во тимот на Прост. Потоа, од 2002 до 2007 година, беше дел од Ферари, во периодот кога доминираше со Михаел Шумахер.

Следуваше долгогодишниот ангажман во Мекларен, каде што остана до 2014 година.

По Мекларен, Будковски се пресели во ФИА и стана технички и спортски координатор во Формула 1. Во 2017 година му се приклучи на Рено, како извршен технички директор, со одговорност за голем дел од неговото функционирање.

Подоцна ја продолжи работата во Алпин, каде што ја извршуваше функцијата извршен директор. Во тој период беше дел од тимот што ја освои Големата награда на Унгарија со Естебан Окон.

Будковски го напушти Алпин во јануари 2022 година, но сега повторно се враќа во Формула 1.

Неговото ангажирање покажува дека Кадилак сака посериозен пристап и побрз развој на својот проект. Од новиот тимски шеф се очекува да внесе поголема стабилност, организација и техничко знаење во амбициозниот американски тим.

ИЗДВОЕНИ