Во однос на преводите, изјавувам дека сум се држел исклучиво за црковнословенскиот текст и духот на македонскиот книжевен јазик. При преведувањето сум се служел со чисто македонски речнички материјал од живиот јазик. Вака, во далечната 1948 година, му пишувал тогашниот свештеник Ѓорѓи Милошев на Иницијативниот одбор за организирање на Православната црква во Македонија, кој една година претходно му даде деликатна задача: преведување на четирите свети евангелија од црковнословенски на македонски јазик. За тоа му бил определен и тримесечен рок, но сложеноста на потфатот барала тој да биде подолг. Документите – писмената преписка – за овој значаен настан од македонската црковна и народна историја кога почна преведувањето на Светото писмо – Библијата на народен македонски јазик, сега се дел од бројните драгоцености што се зачувани во неодамна отворениот музеј посветен на свештеникот Ѓорѓи Милошев, кој подоцна стана третиот по ред македонски архиепископ Гаврил, во кругот на манастирот „Свети Наум Охридски“ во скопската населба Радишани.

Музејот, кој вчера имаше можност да го посети екипата на весникот ВЕЧЕР, има околу 200 вреди артефакти врзани за архиепископот Гаврил, неговиот животен пат и особено за историскиот потфат што стои зад него: да биде автор на преводот на Библијата на македонски јазик. Па така, во музејот се наоѓаат стотици страници ракописи со преводот, страници правени на машини за пишување, бројни преписки, првите изданија на Новиот завет, комплетното издание на Светото писмо, па сè до учебници за учениците во основните училишта, фотографии и неговите свештенички мантии, архиепископски одејанија, жезол, митра… Сè со што трајно ќе биде зачуван споменот на овој црковен великодостоинственик, што ќе биде место за сеќавање, но и за научноистражувачки работи врзани за македонската црковна историја. Но, и пример, како треба да се чуваат оставината и сеќавањето на македонските архиепископи, но и на митрополити што се вградени во опстојувањето и градењето на македонскиот идентитет, кој и ден-денешен наидува на најразлично оспорување.
Овој наш црковен достоинственик е роден во Скопје, во 1912 година. Во 1936 година, ги завршил студиите по славистика и германистика на Филолошкиот факултет во Скопје. Станал свештеник во 1942 година, а во 1986 година беше избран за архиепископ, трон од кој се повлече во 1993 година, поради старост.
МН: На народот секогаш му се обраќал на македонски јазик
Протојереј ставрофор Ацо Гиревски, зад кого стои петдецениска преданост и посветеност на МПЦ-ОА како професор и декан на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ и кој долги години беше најблизок соработник на архиепископот Гаврил, ни кажува дека предизвикот целосно да се преведе Библијата на македонски јазик не бил ниту лесен ниту едноставен.

-Да се преведе Библијата на современ македонски литературен јазик, по цели илјада години од преводот на Светото писмо од страна на светите Кирил и Методиј на црковнословенски јазик, е настан од епохално значење не само за МПЦ-ОА туку е и неизбришлив тестамент што воопшто може да го има еден народ. Предизвикот воопшто не беше лесен, бидејќи преводот се вршеше од црковнословенски јазик, кој дотогаш беше во црковна употреба. Беше потребно доста време – објаснува за весникот ВЕЧЕР Гиревски, кој успеал да го зачува речиси сето она што е изложено во музејот, а е врзано со архиепископот Гаврил.
Преводот е правен во три етапи. Првата во времето на војната од 1942 до 1944 година, кога почнал со преводот на Новиот завет, на Евангелието, кои беа објавени во 1949 година. Тој тогаш бил свештеник во велешките цркви „Света Богородица“ и „Свети Димитрија“ и уште во време на бугарската окупација покажувал дека посакува слободна Македонија. Додека служел литургија, секогаш кога морал да ги користи богослужбените книги напишани на бугарски јазик, му се обраќал на народот на македонски јазик, во парохискиот дом ги криел борците за слобода… А потоа, по извојуваната слобода, продолжил со преведувањето до 1957 година. По неа, почнала најтешката етапа со преведување на Стариот завет, потфат што траеше сè до 1990 година, кога заврши и кога првпат во јавноста се појави Библијата на македонски јазик.

Во укоричени папки, ги прелистувавме страниците на кои рачно, со налив перо, го пишувал преводот. Се гледаат редовите, поглавјата, пасусите, но и корекциите, пречкртувањето на зборовите, нивното менување и впишувањето нови. Страниците на свој начин сведочат дека му течел преводот како во еден здив, дека овој врвен филолог до најситни длабини ги познавал како Светото писмо така и мајчиниот македонски јазик. Тука се и бројните страници што ги создавал на две машини за пишување, кои биле во употреба во тие години. И така, страница по страница. Практично, преводот се правел цели 50 години. При ова, преводот бил вршен речиси исклучиво според црковнословенскиот текст во издание од 1890 година, а при преводот на Стариот завет се користеле и руски, бугарски и српски текстови.

Во тој период се воспоставила и соработка со Британското и меѓународно библиско друштво, со негова канцеларија во Белград, за да се обезбеди печатењето на преведените дела. Бројни документи во музејот сведочат за преписката со која се договарало објавувањето. Па така, во 1967 година било објавено посебно дело – Новиот завет, за кое архиепископот Гаврил добил посебна благодарница. Подоцна, врзано за преведувањето на Стариот завет, настанала неколкугодишна пауза од 1978 до 1984 година, предизвикана од реакциите на некои христијански заедници во Македонија, кои побарале заеднички превод на Библијата и други услови. Но, било пребродено тоа и било завршено делото во духот на словенската православна традиција.
– Појавата на Библијата на македонски литературен јазик тогаш предизвика и силна реакција кај соседите. Посебен експонент беа Грчката православна црква и Институтот за национални и верски прашања од Солун. Тогаш преведувачот, кој во тој период веќе стана архиепископ на МПЦ-ОА, остро се спротивстави и побара од Библиското друштво од Лондон да биде регистрирана новопреведената Библија како македонска Библија и така беше сторено – наведува протојереј ставрофор Гиревски.
МН: Со право се нарекува „преводот на Гаврил“
Набрзо, по појавувањето на единственото дело, на виделина излегоа сите негови квалитети. Првенствено на МПЦ-ОА, тој ѝ овозможи голем исчекор во нејзината духовна обнова. Тие години се години во кои Македонската црква се бореше за прифаќање на нејзината автокефалност, прогласена во 1967 година, од другите православни цркви. Но, најважно беше што христијанското население во Македонија и неговите поколенија добија можност преку разбирлив збор да се запознаат со основните Божји поставки и пораки, односно да се доближат библиските пораки до народот.

– Архиепископот Гаврил беше мошне, мошне скромен човек, на таков начин живееше целиот свој живот. Во една пригода дури и скромно изјавил дека, како автор на преводот на македонски јазик, „не се ни потпишал дека ја превел“. Но, со својата вредност, таа со право се нарекува „Гаврилов превод“. Нему со право му се дадени и првите примероци од делата,кои сега се во музејот. Не без основа треба да се смета дека тој превод е негово животно дело, негов препознатлив знак и како негов споменик – нагласува протојереј ставрофор Ацо Гиревски.

А во близина на новиот музеј, во внатрешноста на манастирот „Свети Наум Охридски“, е и неговото вечно почивалиште. Тоа му била последната желба пред да почине во 1996 година. Во близина е и гробот на неговиот наследник на архиепископскиот трон, г. г. Михаил, кој во еден дел и му помогнал во преведувањето на Библијата. Двајца достоинственици, кои со своето дело оставиле голема трага во македонската црковна и народна историја. Со новиот музеј, со новите поставки и со делата што ќе се прават во рамките на МПЦ-ОА, спомените на овие, но и на сите претходни и идни значајни достоинственици ќе се чуваат на достоинствен начин. На таков начин се градат една црква и нејзиниот народ. (Б. Ѓ.)












