Американскиот претседател Доналд Трамп ја продолжи националната вонредна состојба поврзана со Западен Балкан, потег што останува на сила поради, како што се наведува, заканите за националната безбедност и надворешната политика на САД.
Според објавата во Федералниот регистар, мерката се однесува на лица и групи кои поддржуваат екстремистичко насилство во регионот, како и активности што го попречуваат спроведувањето на мировните договори во Босна и Херцеговина, Косово и Македонија.
Во документот се споменува и Охридскиот рамковен договор од 2001 година, кој беше вклучен во дополнителните мерки преку измените на извршната наредба од 2003 година. Вашингтон оценува дека и натаму постојат околности кои бараат продолжување на вонредната состојба и санкциските механизми поврзани со Западен Балкан.
Одлуката претставува продолжување на долгогодишната американска политика насочена кон зачувување на стабилноста и безбедноста во регионот.











