Репрезентацијата на Босна и Херцеговина се соочува со сериозен проблем непосредно пред вечерашниот клучен натпревар против Катар на Светското првенство. Селекторот Сергеј Барбарез најверојатно нема да може да смета на еден од своите важни фудбалери, Амар Дедиќ.
Според информациите од Сиетл, Дедиќ го пропуштил последниот тренинг поради здравствени проблеми кои го мачат веќе неколку дена. Иако од таборот на Босна и Херцеговина сè уште нема официјална потврда, шансите тој да настапи против Катар се минимални.
Стручниот штаб не сака да ризикува дополнително влошување на неговата состојба, особено по проблемите што ги имал за време на подготовките. Отсуството на Дедиќ би било сериозен удар за „Змејовите“, кои вечерва играат натпревар што може да им обезбеди место во нокаут-фазата на Мундијалот.











