Луксузната Вила Чертоса на покојниот италијански премиер Силвио Берлускони во Сардинија доби нов сопственик. Според италијанските медиуми, имотот е продаден за 350 милиони евра на поранешниот катарски премиер Хамад бин Јаним бин Жабер Ал Тани.

Вилата со години важеше за неофицијална летна резиденција на Берлускони и беше едно од најпознатите приватни одморалишта во Италија. Светската јавност ја запозна преку контроверзните „бунга-бунга“ забави, кои подоцна станаа дел од големите судски процеси што го следеа поранешниот италијански лидер.
Според извештаите, купувањето е реализирано преку инвестициски фонд со седиште во Луксембург, поврзан со владејачкото семејство Ал Тани. Со ова дополнително се зајакнува присуството на катарските инвеститори во Сардинија, каде што веќе имаат значајни вложувања во туризмот и здравството.
Продажбата е дел од процесот на распределба на наследството на Берлускони, кој почина во 2023 година. Неговите наследници во изминатиот период работеа на реализација на тестаментот и управувањето со огромниот имот што го остави зад себе.
Вила Чертоса важи за еден од најексклузивните имоти во Европа, а продажбата од 350 милиони евра ја вбројува меѓу најголемите трансакции на пазарот на луксузни недвижности во последните години.











