Цената на новите автопатски делници во Македонија се движи од околу 13,5 до 20 милиони евра за километар, што повторно ја отвора дилемата дали гради државата скапа инфраструктура. Споредбата со Европа и со регионот покажува дека значително варираат цените – од околу 6 милиони евра за рамничарски делници до повеќе од 20 милиони евра за сложен терен со тунели и мостови. Експертите посочуваат дека конечната цена зависи од геоморфологијата, инженерските зафати, експропријацијата и од моделот на договорите. Анализите покажуваат дека Македонија не е меѓу најскапите, но дел од новите проекти се на горната граница на регионалниот и на европскиот просек

Дали државата гради скапи автопатишта е прашање што редовно се отвора во
јавноста секогаш кога се најавува нов инфраструктурен проект. Последните изјави
на вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски
повторно ја отворија дилемата, особено по информациите дека новите автопатски
делници во Македонија ќе чинат од 13,5 до околу 20 милиони евра по километар.
Николоски вели дека проектите мора да се завршуваат навреме за да не расте
цената и посочува дека автопатот Кичево–Охрид во моментов е најевтиниот
автопат што се гради во земјава, со просечна цена од околу 13,5 милиони евра по
километар.
Според него, автопатите што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ на коридорите
8 и 10д се околу 18 милиони евра по километар, додека делниците
Кичево–Букојчани и Скопје–Блаце, кои допрва треба да се градат, се проценуваат
на околу 20 милиони евра по километар. На прв поглед, овие суми изгледаат
високи, но споредбата со регионот и Европа покажува дека реалноста е
посложена.

Професорот од Градежниот факултет, д-р Горан Мијоски, неодамна во интервју за
весникот ВЕЧЕР посочува дека цената на автопатите не може да се гледа
изолирано, бидејќи зависи од повеќе фактори. Тој се повикува на анализа објавена
во реномираното стручно списание World Highways, кое ги анализирало цените на
изградените автопатишта во Централна Европа во периодот од 2005 до 2010
година. Според анализираните податоци за тој период, цените на автопатиштата
се во однос на морфологијата на теренот, како фактор кој има доминанто влијание
на цената.

Поделбата е на рамничарска и планинска траса од автопатиштата. Во
анализираниот период кој е карактеристичен по стабилни цени на суровините,
најевтини автопатишта во рамничарски терен градени се во Хрватска околу 7
милиони евра по километар, во Словенија околу 7,5 милиони, а во Германија
околу 8,5 милиони евра. Најскапите автопатишта во рамничарски терен изградени
се во Австрија 12,9 милиони евра за километар, во Унгарија 11,2 милиони евра, во Словачка 9,6 милиони евра за километар.

– Во планински терен, пак, цените се драстично повисоки. Во Германија тие
достигнуваат околу 26 милиони евра по километар, во Австрија околу 25 милиони,
а високи се и во Чешка, Словенија и Хрватска. Тоа значи дека купираноста на
теренот и инженерската сложеност се меѓу клучните фактори што ја одредуваат
цената – вели професорот Мијоски.

Во Македонија, пример за поевтина делница е автопатот А4 „Миладиновци–Свети
Николе–Штип“ (рамничарска траса), пуштен во употреба во 2018 година, кој чини
околу 6 до 7 милиони евра по километар, што ако се земе во предвид дека е
изграден 8 години подоцна (повисоки цени) претставува навистина рационално и
евтино решение.

Според професорот Мијоски, разликите во цените се резултат на повеќе
параметри: првенствено геоморфолошките карактеристики на теренот низ кој
минува трасата на идниот автопат, типот и квалитет на употребените материјали
за изградба, бројот на мостови, тунели и вијадукти, системите за пасивна
безбедност и нивото на заштита, мерките за заштита на животната средина, како и
цената на експропријацијата на земјиштето.

Коментари на табелата: 1. Еволуција на цените: Може да се забележи дека денешната цена за планински терен во Македонија (13.5 – 20 мил. €/km) е сè уште под или околу историските цени на Германија и встрија од пред 15 години, што го демантира митот за најскапите автопатишта во светот“. 2. Регионален рекорд: Новата делница во Црна Гора со над 31 милион евра по километар е моментален бенчмарк за високи трошоци на Балканот, детерминиран од геоморфологијата. 3. Влијание на инфлацијата: Цените од периодот 2005–2010 не се директно споредливи со денешните без индексација на цените на енергенсите и битуменот, кои бележат кумулативен раст од 40 – 60%.

– Дополнително, во Македонија тендерите традиционално се доделуваат според критериумот најниска цена, нешто што во многу развиени европски земји веќе не се применува. Во Европа, освен цената, големо значење имаат и квалитетот, технологијата и долгорочната одржливост на инфраструктурата – додава Мијоски.

Кога се споредуваат македонските цени со европските, се добива појасна слика. Анализите покажуваат дека просечната цена за изградба на автопат во Европската Унија се движи околу 6 и 13 милиони евра за километар. Во Данска просекот е околу 5,9 милиони евра за километар, во Германија околу 8,2 милиони, во Чешка околу 8,8 милиони, во Унгарија околу 11,2 милиони, а во Австрија околу 12,8 милиони евра за километар. Во тој контекст, цените што се споменуваат за Македонија, од 13,5 до 20 милиони евра за километар, се на горната граница или над европскиот просек, но не се без преседан, особено ако се работи за сложен терен.

Состојбата со изградените автопатишта во регионот е следна. Во Албанија
просекот е околу 10 до 11 милиони евра по километар (изграден пред нашиот
автопат А4), додека во Косово автопатите се движат од околу 10 до 12,7 милиони
евра по километар кои се изградени и пуштени во експлоатација во 2017 год.
Досега најскап пример на Балканот е автопатот „Бар–Бољаре“ во Црна Гора, каде
првата делница „Смоковац-Матешево“ од 41 километар чини околу 895 милиони
евра, односно приближно 25 милиони евра по километар. Причината е што околу
60 проценти од трасата се мостови и тунели, а автопатот има 16 тунели и 20
големи мостови.

– Пред неколку дена во Црна Гора беше потпишан договор за проектирање и
изградба на автопатот „Бар – Бољаре“, втората делница „Матешево –
Андријевица“, со конзорциумот Power China-STECOL-PCCD. Вредноста на овој
договор изнесува 693,96 милиони евра, рокот на изградба е 5 години, а должината е 23 километри. Просечната цена по километар изнесува фантастични 31,17 милиони евра за километар. Конечно и на Балканот ги достигнавме цените од Европа од 2010 година – вели професорот Мијоски.

Тој потсетува дека цените на материјалите се драстично повисоки во однос на 2010 година поради глобалните кризи како на пример, корона кризата, економска криза, енергетска криза, војната во Украина…

– Со војната во Иран и затворањето на Ормутскиот теснец, за очекување е дека нафтата (битуменот како клучна компонента во асфалтните мешавини), ќе поскапува повторно – смета Мијоски.

Кога би правеле компарација на цените на нашиот автопат, заради реално
отсликување на ситуацијата, би требало да го споредиме со автопатиштата од
регионот кои се градат во моментов и во исти услови – планински терен.

Соодветна би била компарацијата со црногорските автопатишта, а дополнително
слично е и тоа што и таму и кај нас градат кинески компании. Македонија со
автопатот А4 Миладиновци–Штип (6–7 милиони евра за километар, пуштен во 2018 година, покажа дека рамничарските делници кај нас се меѓу најевтините во Европа. Дури и актуелниот проект Кичево–Охрид, со просечна цена од околу 13,5 милиони евра по километар за исклучително тешка планинска траса со тунел, се позиционира
конкурентно во однос на регионалните рекорди – вели Мијоски.

Особено интересна е споредбата со проектите што ги гради истиот изведувач –
конзорциумот „Бехтел и Енка“ – во повеќе балкански држави. Во Албанија
автопатот „Патот на народот“ од околу 170 километри има цена од приближно 10
до 11 милиони евра по километар. Во Косово автопатот R7 Морина – Приштина –
Мердаре, долг над 100 километри, има цена од околу 7,5 до 10 милиони евра по
километар, додека автопатот R6 Приштина – Хани и Елезит (граничен премин со
Македонија, кај Блаце) достигнува околу 12,7 милиони евра по километар (пуштен
во експлоатација во 2017 год.).

– Во Србија, пак, „Моравскиот коридор“, исто така граден од „Бехтел и Енка“, се проценува на околу 20 милиони евра по километар. Тоа значи дека и кај ист изведувач цената може да варира повеќе од двапати, зависно од временскиот период на склучување на договорот (цените на материјалите), условите и моделот на договор – нагласува Мијоски.

Анализите на инфраструктурни проекти покажуваат дека во некои делови од
светот автопатите достигнуваат и над 100 милиони евра по километар, особено
кога се градат во урбани средини или на многу сложен терен. Пример е проектот
„Нов пат покрај морето“ во Франција на островот Реунион, каде цената достигнува
околу 130 милиони евра по километар. Урбаниот дел од германскиот автопат A100
достигнува и над 200 милиони евра по километар поради тунели и сложена
инфраструктура.

– Оттука можеме да констатираме дека финалната цена, како и пресметката за
цена по километар најточно се добива со доставувањето на Завршната ситуација
за извршена работа! Според овие сознанија, нашите цени за изградба на
автопатските делници се меѓу пониските цени на Балканот и секако во Европа – истакнува Мијоски.

Главните причини за пораст и промена на цените се сложениот терен,
инженерските објекти како тунели и вијадукти, но и моделите на договори и
организацијата на проектите. Затоа клучното прашање, според инфраструктурните
експерти, не е само колку чини еден километар автопат, туку дали проектот е
добро испланиран, дали се реализира навреме и дали конечната цена останува во
рамките на првичните проценки. Само така може да се избегне сценариото во кое
инфраструктурните проекти стануваат поскапи отколку што било предвидено.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ