Трагична вест ги потресе Велс и рагби-заедницата. Поранешниот рагбист на Мистег селтик, Скот Џејмс, почина на 34-годишна возраст откако речиси три недели се бореше за живот по тешките повреди на главата што ги доби во текот на одморот во Турција.

Несреќниот инцидент се случи на 5 јули, по вербална расправија во бар. Според досегашните информации, Џејмс бил удрен во глава од член на обезбедувањето, по што ја загубил рамнотежата и удрил со главата во подот. Случајот се води како наводен напад, а истрагата на турските власти продолжува.

Џејмс првично беше хоспитализиран во Турција, каде што лекарите се бореа за неговиот живот. На 11 јули беше прогласен за мозочно мртов, а на 24 јули, со авион и медицинска помош, беше префрлен во Велс. Два дена подоцна, на 26 јули, почина во болница.

Според информациите, тој претрпел фрактура на черепот и сериозни повреди на мозокот. Обдукцијата и понатамошната истрага треба да ги утврдат сите околности поврзани со трагичниот настан.

Зад себе остави семејство, а неговите најблиски го опишаа како посветен син, партнер, татко, брат и пријател со топло срце и со голема смисла за хумор.

Исто така, од него се простија од неговиот поранешен клуб, Селтик, опишувајќи го како одличен играч, голем карактер и пријател на сите што имале можност да играат со него.

Британското Министерство за надворешни работи потврди дека му помага на семејството и дека е во контакт со локалните власти во Турција.

Трагичната смрт на 34-годишниот спортист остави голема празнина во неговото семејство и во локалната рагби-заедница, додека истрагата за околностите на инцидентот продолжува.

ИЗДВОЕНИ