По речиси пет децении, конечно е решен долгогодишниот имотно-правен проблем поврзан со една од клучните трафостаници во македонскиот електроенергетски систем. Објектите на ТС 400/110 kV „Дуброво“, изградена во 1977 година, се запишани како сопственост на АД МЕПСО, во државна сопственост. Со уредувањето на сопственичкиот статус се создаваат услови за сигурно одржување, реконструкција, модернизација и натамошен развој на оваа значајна точка од преносната електроенергетска мрежа.
Решавањето на случајот со ТС „Дуброво“ е дел од поширок процес за системско расчистување на долгогодишните имотно-правни прашања поврзани со електроенергетската инфраструктура. Министерството за енергетика и минерални суровини, во соработка со АД МЕПСО и надлежните институции, започна активности за уредување на сопственоста над објекти кои со години претставувале пречка за целосно правно уредување и реализација на нови инвестиции.

По одлуката на Владата и формирањето на Работна група за регулирање на имотно-правниот статус на 110 kV трафостаниците помеѓу АД МЕПСО и ЕВН АД, преземени се конкретни чекори за решавање на отворените прашања. Врз основа на донесените одлуки, извршено е запишување на правото на сопственост над објектите на ТС Дуброво во корист на АД МЕПСО, во државна сопственост. Со тоа, трафостаницата изградена во 1977 година, по речиси 50 години, за првпат добива уреден сопственички статус во корист на МЕПСО.
Од Министерството посочуваат дека уредувањето на сопственоста не претставува само административно расчистување на документацијата, туку е важен предуслов за планирање и реализација на идни инвестиции, реконструкции и модернизација на преносната мрежа. Станува збор за инфраструктура од стратешко значење за сигурноста и стабилноста на електроенергетскиот систем, поради што уредениот имотно-правен статус е важен и за идните зафати на оваа локација.

По иницијатива на министерката Сања Божиновска, воспоставени се редовни координации со МЕПСО и со останатите институции и компании од секторот, со цел прашањата што со години останале нерешени да се отворат и да се бараат конкретни решенија. Се работи и на решавање на други децениски имотно-правни прашања. Во рамки на работата на групата се изработуваат геодетски елаборати со цел уредување и запишување на правата на недвижностите каде што тие досега не биле соодветно евидентирани. Во тек се и активности за уредување на имотно-правниот статус на ТС 110/20 kV „Бунарџик“, каде што се подготвува договор за отстапување без надоместок на ½ идеален дел од недвижниот имот на име на АД МЕПСО. Уредувањето на овој имот ќе овозможи создавање услови за реализација на новиот 110 kV далекувод ТС „Бунарџик“ – ТС „Миладиновци“, значаен за стабилно и непрекинато снабдување со електрична енергија на железничката инфраструктура во Македонија.












