Во Швајцарија се подготвува иницијатива која би можела значително да ја промени состојбата за работниците кои завршиле стручно образование. Швајцарската конфедерација на синдикати (SGB) има за цел да воведе минимална месечна плата од 5.000 швајцарски франци (5.400 евра) за вработените кои имаат завршено стручно образование. Синдикатите предупредуваат дека растот на трошоците за живот во последните години ја намалил куповната моќ на работниците, особено на оние во професиите со пониски плати.
Пјер-Ив Мајар, претседател на Швајцарската конфедерација на синдикати, истакнува дека завршувањето на стручното образование мора повторно да стане финансиски исплатливо. Тој за швајцарскиот весник „Блик“, изјави дека, кога ќе се земе предвид инфлацијата, платите на квалификуваните работници всушност изгубиле на вредност во последните години.
„Стручното образование мора повторно да се исплати, а платата мора да биде доволна за живот. Сепак, тоа сè помалку е случај“, предупреди Мајар. Тој смета дека ваквата состојба повеќе не може да се толерира и повикува на одлучна борба за зголемување на заработката, пренесува „Дневно“.
Синдикалниот лидер нема намера да се потпира само на редовните годишни преговори за платите. Швајцарската конфедерација на синдикати планира да покрене граѓанска иницијатива со која би се вовела задолжителна минимална месечна плата од 5.000 франци за сите вработени кои завршиле стручно образование.
Според анализата спроведена од SGB, дури 28 отсто од вработените со стручно образование заработуваат помалку од 5.000 франци месечно. Оваа бројка се заснова на полно работно време од 40 часа неделно, со 13 исплати на плата годишно.
Уште позагрижувачки е фактот што 15 отсто од таквите работници заработуваат помалку од 4.500 франци (4.862 евра).
„Работодавачите го промовираат стручното образование како најдобар пат до вработување, но истовремено ги намалуваат трошоците за плати“, изјави Мајар.
Жените се особено погодени. Според анализата на синдикатот, една од три вработени жени со стручно образование заработува помалку од 5.000 франци, додека речиси една од пет добива помалку од 4.500 франци месечно. „Ваквите плати во Швајцарија не се доволни за семеен живот. Многу луѓе со вакви примања живеат на работ на егзистенцијата“, предупреди претседателот на синдикатот.
Ниските плати се особено чести во професиите во кои доминираат жени. Мајар конкретно ги посочува секторот за трговија на мало, фризерските салони, угостителството и градинките. Сепак, проблемот не е ограничен само на секторите со голем удел на вработени жени. Во нископлатените професии спаѓаат и автомеханичарите и професионалните возачи – области во кои традиционално доминираат мажите.
Анализата на синдикатот исто така покажува дека квалификуваните работници изгубиле дел од својата куповна моќ во последните години. Во споредба со 2016 година, нивната реална медијална плата е намалена за 2,1 отсто.
Мајар смета дека иницијативата за минимална плата од 5.000 франци би можела да добие широка поддршка меѓу швајцарските граѓани.
Економијата остварува профит, но работниците тоа не го чувствуваат во своите џебови. Тоа мора да се промени“, изјави тој.












