четврток, јуни 4, 2026
Дома МАГАЗИН Традицијата продолжува – „Фолк-фест Валандово 2026“ со нови хитови во фестивалската сала...

Традицијата продолжува – „Фолк-фест Валандово 2026“ со нови хитови во фестивалската сала „Јанко Узунов“ на 26 и 27 мај 

90

Тамам што помисливме, па си го гризнавме јазикот, дека оваа година нема ништо од највлијателниот македонски фолк-фестивал – „Фолк-фест Валандово“, од Градот на Калинките ни стигнаа убави вести. Сите љубители на добрата македонска народна песна може да се радуваат. Триесет и деветтото издание на овој некогаш и југословенски фестивал годинава ќе се одржи на 26 и 27 мај. Со ново раководство откако Валандово има нов градоначалник, од редовите на Дпмне.

Па така, за нов уметнички директор е избран Илчо Јованов, за извршен директор Горјан Стојановски (на сликата), додека функцијата технички директор му припадна на Ѓоко Павлов.

За разлика од изминатите години, кога траеше три дена и со концерти на Градскиот плоштад, „Фолк-фест Валандово 2026“ ќе биде во скратено издание. Но, ветуваат оттаму, поефектен со настапот на многу популарни пејачки имиња од Македонија. Тие имиња засега се држат во деловна тајност, а ќе бидат познати на првата официјална прес-конференција по велигденските празници. Секако, поканета е и екипата на весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press.                                     Главната фестивалска вечер, кога ќе се избираат и победниците, ќе се одржи на 27 мај, во добро познатата фестивалска сала „Јанко Узунов“. Таму ќе бидат претставени 20 нови фолк-композиции, идни потенцијални хитови, какви што знае да донесе „Валандово“ до срцето на публиката, по примерот на: „Бисер балкански“, „Стариот џумбушлија“, „Во црно вино утеха нема“, „Дојди ми, Лено, на перниче бело“, „Има ли песна“, „Лихнида кајче веслаше“,„Кога љуби мома млада“, „Ако згрешам, нека изгорам…)

„Фолк-фест Валандово“ не е само валандовска гордост туку и национална, наша македонска вредност, а воедно и интернационална. На неговата фестивалска сцена, во текот на тие 38 години, настапуваа и голем број ексјугословенски естрадни ѕвезди, од Ана Бекута со „Стариот џумбушлија“, па сè до Вера Ивковиќ, Мерима Његомир, Ханка Палдум, Милан Бабиќ, Мирослав Илиќ… Не постои македонска веселба што може да помине без песни што се испеани и се „родени“ на таа фестивалска сцена. Македонската телевизија, традиционално, ќе го пренесува фестивалот. Останува непознато дали, традиционално, водители ќе бидат Ирена Спировска и Ѓорѓи Калајџиев, добро позната фестивалска двојка.

(Д. М.)

 

 

ИЗДВОЕНИ