Општина Илинден започна со реализација на еден од клучните инфраструктурни приоритети, целосна реконструкција на локалниот пат што ги поврзува населените места Мршевци и Дељадровци. Станува збор за значаен и стратешки проект што директно ќе придонесе за подобрување на патната инфраструктура и квалитетот на живот на граѓаните.
Проектот опфаќа целосна обнова на патот во должина од околу 1.800 метри, проширување на постојниот коловоз и изградба на тротоар со широчина од 1,5 метри во населените делови покрај кои се протега делницата.
– Овој проект претставува уште еден важен чекор кон градењето модерна и функционална општина и ќе придонесе за унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот – соопштија од Општина Илинден.
Градоначалникот Александар Георгиевски истакна дека оваа инвестиција претставува проект од исклучителна важност за локалното население, како и дека реконструкцијата ќе обезбеди побезбедно, побрзо и поефикасно одвивање на сообраќајот и значително ќе ја подобри поврзаноста меѓу населените места.
– Со ваквите капитални инвестиции и исклучително важни инфраструктурни проекти, Општина Илинден јасно ја потврдува својата посветеност за рамномерен локален развој и континуирано подобрување на условите за живот во сите населени места – велат од локалната самоуправа.












