Во рамките на 54. фестивал „Мајски оперски вечери“, на 16 мај, во Националната опера и балет ќе биде изведена оперската претстава „Тоска“ од Џакомо Пучини. Како што информира НОБ, таа е една од најмоќните и најемотивни опери на Пучини, приказна исполнета со љубов, страст, љубомора и опасност, каде што секој момент носи нова неизвесност.
Насловната улога ќе ја игра Марија Јелиќ од Србија, а во екипата се и солисти од Бугарија, Италија и од Националната опера и балет.
– Музиката на Пучини ја води драмата со неверојатна енергија, создавајќи атмосфера што ја освојува публиката уште од првиот тон. Во свет полн со брзи моменти и секојдневен хаос, ретки се вечерите што навистина оставаат впечаток. Ова е токму такво искуство – спектакуларна сценографија, оркестар во живо и приказна што со генерации ја одушевува светската публика, соопшти НОБ.
Режисер е Огњан Драганов од Бугарија, диригент Марчин Наленч Њешјоловски од Полска, сценограф Зоран Николовски, костимограф Марија Пупучевска.












