Во Гевгелија, овој викенд, во организација на Библиотеката „Гоце Делчев“ и Општина Гевгелија, беше отворена една интересна изложба, „Спомени од сцената“, која ја разбуди љубопитноста на гевгеличани, кои во преполната сала на хотелот „Аполонија“ можеа да дознаат нешто повеќе за една малку позната приказна од музичко-сценското минато на Гевгелија и за личноста која стои зад ликот на „Принцезата Ружа“ од првата детска опера во Гевгелија

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Што останува од еден живот кога сцената е одамна празна, кога луѓето што сведочеле за настаните веќе не се меѓу нас, а спомените постепено избледнуваат? Понекогаш е доволна една стара фотографија за повторно да се отвори приказната за која со децении малку се знаело. Патот до минатото води, преку семејни документи, забележани спомени, усни сведоштва и траги зачувани во семејните архиви. Нивното поврзување овозможува да се осветлат животни патишта и личности чии приказни останале недоволно познати. Токму истражувањето на „Принцезата Ружа“, на проф. д-р Наташа Диденко, доведе до идентификација на Драга Ѓорѓевиќ како изведувачка на главниот лик во сценската изведба во Гевгелија, во 1924 година, и го реконструира животниот пат на жената што ја толкувала главната улога.

 

Спомени од сцената
Изложбата „Спомени од сцената“, преку неколку паноа и зачувани предмети и документи, им ги доближи овие сознанија на гевгеличани, преку историски фотографии, архивски документи и семејни сведоштва. Подготвена е по повод 115 години од раѓањето и 35 години од смртта на главната изведувачка, Драга Ѓорѓевиќ.

На присутните најнапред им се обрати проф. д-р Наташа Диденко, научен советник и редовен професор во ЈНУ Институт за национална историја – Скопје:
„Секој град има своја историја, но не секоја приказна е подеднакво позната, документирана и зачувана во културната меморија. Да се открие едно заборавено поглавје од минатото се потребни години истражување, поврзување на историските извори и следење на трагите кое времето ги оставило. Токму така е и со оваа приказна, која вечерва ја споделуваме со вас, преку изложбата на моето истражување кое ме доведе до првата детска опера „Принцезата Ружа“, создадена од Сергеј Михајлов во 1924 година во Гевгелија. Ја реконструирав целата приказна за главната хероина во оваа опера, Драга Ѓорѓевиќ, врз историски извори, како и сведоштва од нејзината фамилија. Ова е вистински придонес кон културната меморија на Гевгелија“, вели професорката Диденко.

Драга е мојата баба

Драга Карајанова-Дулевска, внуката

Мошне емотивно беше искажувањето на Драга Карајанова Дулевска, внуката на Драга Ѓорѓевиќ: „Јас сум родена во 1978 година, Драга е мојата баба. Растев покрај неа во време кога немаше интернет, па така одвреме-навреме ќе се пикнев во нејзината соба и ги слушав нејзините приказни кога глумела и пеела како принцеза. Тоа за мене беше најубавата бајка која ја слушав седејќи на нејзиниот кревет и слушајќи ја како пее. Ми кажуваше дека членувала во детскиот хор во тогашната гевгелиска протогимназија и како Сергеј Михајлов ги учел да ги знаат нотите и да пеат. Таа имала 12 години кога пеела во првата детска опера „Принцезата Ружа“. Мојата баба ја играла принцезата, а сите ликови биле гевгеличани. Кралицата, според моите сознанија ја играла Тодорка Кантарџиева, сестрата на првоборецот Владо Kантарџиев. Значи, првата опера не била изведена во некој поголем град во тогашна Македонија, како Скопје, Битола, Велес, туку во „малата“ Гевгелија, која тогаш имала околу 5.000 жители. Мојата баба кога ми раскажуваше за настапот во Штип ми велеше дека од Штип „шепотејќи“ се вративме дома, без нашиот наставник Михајлов, кој веднаш го задржаа како наставник во овој град. Досега, пред истражувањето на професорката Диденко, немаше писмена трага за овие настани. Минатата година, кога беше промовирана монографијата за Сергеј Mихајлов, Диденко ја спомна операта „Принцезата Ружа“, јас седев во публиката и веднаш си реков во себе, па ова е мојата баба Драга. Оттука, и од таа една фотографија, започна сè. Им благодарам на целата моја фамилија, на сестра ми Катерина Карајанова, но најмногу на мојата мајка Мирјана Карајанова, која цели 35 години, по смртта на баба ми, ги сочувала сите фотографии и документи кои може да се видат вечерва“.

Проф. д-р Наташа Диденко и проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска

Промоторката на изложбата, проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска, говореше како историчарка: „Во оваа изложба има не само локална историја туку би рекла дека има и национална, културно-национална историја. Овој вечерашен настан, јас, како историчар, го чувствувам како едно сведочење на Драга Карајанова Даскалова, внуката на Драга, хероината од операта ’Принцезата Ружа’. Откритието на ликот на Драга Ѓорѓевиќ, која пред 100 години учествувала во изведбата на првата детска опера во Гевгелија, од страна на професорката Наташа Диденко, во историската наука може да се спореди како откритие на некој значаен археолошки артефакт“.

Која била Драга Ѓорѓевиќ
Драга Ѓорѓевиќ е родена на 22 мај 1911 година во Дојран. По разурнувањето на овој град во 1913 година, нејзиното семејство се преселило во Радовиш, каде што Драга ги поминала раните години од нејзиното детство. Според семејното сведоштво, некаде во 2019 – 2020 година, семејството се преселува во Гевгелија.
Сведоштвото од 28 јули 1925 година потврдува дека во учебната 1924/1925 година, Драга била ученичка во 4 клас во тогашната гевгелиска протогимназија. Од 14 предмети по кои била оценувана, највисока оценка – 5, добила по цртање, гимнастика и женски работи. Нејзиниот наставник, Сергеј Михајлов, во 1924 година ја подготвил операта за деца, „Принцезата Ружа“, во која улогата на принцезата ја игра токму Драга. Ја изведуваат најнапред во Гевгелија, а потоа и во Струмица и во Штип. Михајлов веднаш останува во овој град, а кога подоцна доаѓа во Гевгелија да си ги земе своите работи, на Драга Ѓорѓевиќ ѝ ја дава фотографијата од операта со зборовите, „Драго, штета е што не си се родила во поголем град“.

Драга Ѓорѓевиќ – принцезата Ружа

По учеството во „Принцезата Ружа“, животниот пат на Драга продолжил надвор од сцената. На 10 ноември 1938 година Драга Ѓорѓевиќ стапила во брак со Илија Карајановиќ, за што сведочи изводот од книгата на венчаните. Значаен дел од нејзиниот живот бил поврзан со трговската дејност во Гевгелија од 1927 до 1947 година, во мануфактурната продавница „Код Дојранца“.

Кој бил Сергеј Михајлов?
Сергеј Михајлов е роден на 31 август 1885 година во Харков, а починал на 19 ноември 1975 година во Штип. Музика учел во родниот град кај чешкиот композитор и пијанист Алојз Јиранек. Меѓутоа, кога останал без родителите, заминал на Кавказ, а потоа како војник преку Цариград дошол до Солун од каде што се преселил во Гевгелија, во 1921 година, каде останал сè до 1924 година. Во своите мемоари, Гевгелија ја означил како „прва точка во новата отаџбина“. Како музички педагог во нижата гимназија во 1924 година го напишал либретото и ја искомпонирал музиката за првата опера за деца „Принцезата Ружа“. Според неговата биографија, ова дело тој го нарекол музичко-сценско дело наменето за деца и млади, „опера, бајка за омладину“. Либретото е пишувано за 8 лика, со придружба на клавир и хор. Премиерата била одржана во Гевгелија, а потоа со успех изведувана и во околните градови, Струмица и Штип.
По преселувањето во Штип, во 1925 година ја поставил операта „Палјачи“, од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало, со што ги поставил никулците за развој на музиката со поголема уметничка вредност. Делото на Сергеј Михајлов и неговиот придонес во развојот на музичката култура во Македонија траеле сè до неговата смрт во Штип во 1975 година.



Гевгелија ја чува својата културна историја

Да ја познаваме културната историја на Гевгелија, значи да ги препознаваме луѓето што ја создавале, нивните стремежи и трагите што ги оставиле зад себе. Нивните животни приказни се дел од културното наследство што го поврзува градот со неговите жители и со генерациите што доаѓаат. Град што ги чува и повторно ги отвора приказните за своите луѓе, ја чува и сопствената културна меморија.
Драга е дел од Гевгелија, Гевгелија е дел од нас, а приказната продолжува со монографијата за Драга Ѓорѓевиќ, која е во подготовка.

 

Легенди:

  1. Проф. д-р Наташа Диденко и проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска
  2. Принцезата Ружа
  3. Драга Карајанова-Дулевска, внуката

 

ИЗДВОЕНИ