Владата продолжува со мерките за поддршка на домашната економија и на малите бизниси, со цел зголемување на конкурентноста на македонските компании, поттикнување на модернизацијата на производството и отворање нови можности за раст и развој. Преку новиот пакет финансиска помош, фокусот е ставен на микро, малите и средните претпријатија и на занаетчиите, како двигатели на економската активност во државата.
Министерството за економија и труд вчера објави јавен повик за финансиска поддршка во вредност од 11 милиони и 340 илјади денари. Со мерката ќе се кофинансираат 40 отсто од докажаните трошоци за набавка на нови машини и алати, но не повеќе од 200 илјади денари за барател.
Поддршката се однесува на инвестиции реализирани во текот на 2025 и 2026 година, а право на учество имаат микро, малите и средните претпријатија со мнозински домашен капитал, како и занаетчиите регистрирани согласно со законските прописи. Крајниот рок за аплицирање е 30 јуни 2026 година.
– Продолжуваме со конкретна поддршка на домашната економија, малите бизниси и на преработувачката индустрија, со јасна цел: поголема конкурентност, модернизација и отворање можности за раст и развој. Нашата цел е јасна: да им помогнеме на домашните компании полесно да инвестираат, да го модернизираат производството, да ја зголемат продуктивноста и да создадат подобри услови за работа и развој – рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Покрај оваа мерка, информира Дурмиши, во наредниот период ќе бидат објавени и два значајни јавни повици во рамките на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година.
– Првиот јавен повик се однесува на надоместување на дел од трошоците за воведување, спроведување и сертификација на стандардите во преработувачката индустрија, со вкупен буџет од 2 милиони денари. Ќе се кофинансираат 70 отсто од трошоците, до максимум 200 илјади денари за компанија. Со ова сакаме да им помогнеме на компаниите полесно да ги исполнат меѓународните стандарди, да се вклучат во глобалните синџири на набавувачи и да ја зголемат својата извозна конкурентност – објасни министерот.
Вториот јавен повик, дополни, е насочен кон зајакнување на соработката помеѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите, преку реализација на заеднички проекти. За оваа мерка се предвидени 5 милиони денари, а кофинансирањето ќе изнесува 70 отсто од трошоците, но не повеќе од 500 илјади денари по проект.
-Токму поврзувањето на бизнис секторот со науката, истражувањето и иновациите е клучно за технолошки напредок, зелена и дигитална транзиција и создавање производи со поголема додадена вредност. Во време на сериозни глобални економски предизвици, наш приоритет е поддршка на домашното производство, знаењето, иновациите и конкурентноста на македонската економија- истакна Дурмиши.
Тој ги повика сите заинтересирани компании и занаетчии внимателно да ги следат условите од јавните повици и да аплицираат.
Сите детали, услови и потребни документи ќе бидат достапни на веб-страницата на Министерството за економија и труд.












