Советот на градот Тирана го одобри предлогот на градоначалникот Ерион Велиај четворица поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – кои беа осудени за воени злосторства во првостепена постапка – да бидат прогласени за почесни граѓани.
Предлогот го признава придонесот на четворицата поранешни лидери на ОВК во војната за ослободување на Косово и во „неговиот пат кон слобода и независност“, како и нивните врски со Тирана и Албанија.
Во образложението на одлуката се истакнува дека им се оддава почест на Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими за нивниот „историски придонес кон Ослободителната војска на Косово и процесите што доведоа до државноста на Косово“.
Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими беа прогласени за почесни граѓани поради нивниот „вреден придонес во војната за ослободување на Косово, неговото политичко претставување и патот на Косово кон слобода и независност – со силна поддршка од САД и евроатлантските партнери“ – како и за нивната „посебна врска со Тирана и зајакнувањето на односите меѓу Косово и Албанија“.
Во првостепената постапка пред Специјализираните совети, сите четворица лидери на ОВК беа прогласени за виновни за воени злосторства. Тачи и Красниќи беа осудени на по 25 години затвор, Весели на 18 години, а Селими на 13 години, пренесе „Бета“.












