среда, ноември 18, 2026
Дома СВЕТ Европа стравува дека Трамп би можел да склучи договор со Путин, без...

Европа стравува дека Трамп би можел да склучи договор со Путин, без Украина и ЕУ

0
EPA/SERGEY DOLZHENKO

Европските претставници проценуваат дека Москва не покажала подготвеност за отстапки и дека Путин верува оти може да постигне повеќе преку продолжување на војната отколку преку прекин на огнот.

Европските претставници се сомневаат дека рускиот претседател Владимир Путин навистина сака да ја заврши војната во Украина, тие стравуваат дека, доколку мировните преговори пропаднат, американскиот претседател Доналд Трамп би можел да постигне договор со Москва без учество на Европа или Украина, објави денеска порталот „Политико“, со седиште во Брисел.

Овие сомнежи се засилија по минатонеделната средба во Абу Даби меѓу претставници од САД, Украина и Русија, која не донесе значителен напредок – освен ветување за размена на затвореници.

Сè уште не е одреден датум за следната рунда преговори.

Европските претставници проценуваат дека Москва не покажала подготвеност за отстапки и дека Путин верува оти може да постигне повеќе преку продолжување на војната отколку преку прекин на огнот.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Русија ги засилува нападите врз цивили и енергетска инфраструктура во обид да ја принуди Украина на капитулација.

Иако не учествуваа директно во разговорите во Абу Даби, претставници од европските земји бараат да бидат вклучени во следната рунда преговори.

Лидерите на ЕУ се договорија Европа да биде претставена од Обединетото Кралство, Германија, Франција, Италија и Полска, заедно со претставници од институциите на Европската унија. Посебна загриженост предизвикува можноста преговорите да опфатат промени во европската безбедносна архитектура, вклучително и руските барања во врска со проширувањето на НАТО.
Норвешкиот министер за надворешни работи, Еспен Барт Ајде, изјави дека распоредувањето на силите на НАТО на територијата на земјите-членки на Алијансата не е предмет за дискусија со Москва.

Според европските дипломати, Европа и Украина продолжуваат да учествуваат во преговорите делумно за да му покажат на Вашингтон дека се отворени за договор, но и за да осигураат дека, доколку процесот пропадне, одговорноста за неговиот колапс ќе ѝ се припише на Русија, а не ним.

ИЗДВОЕНИ