Американската демократска сенаторка Џин Шахин изјави дека Русија има интерес да го дестабилизира регионот на Западен Балкан, кој Москва го гледа како „потенцијален втор фронт“, а Србија ја гледа како својавидна „попатна станица“, објави денеска Радио Слободна Европа.
Џин Шахин во интервју за РСЕ рече дека САД мора да се погрижат Русија да знае оти американските сили во регионот се „во состојба на висока подготвеност и ја следат ситуацијата“.
Повод за загриженоста за можноста од нестабилност која ги опфаќа Косово, Србија и Босна и Херцеговина, водечката демократка во Комитетот за надворешни односи на Сенатот истакна дека е „збор за поврзаноста на Србија и Србите во Република Српска со Русија, како и за рускиот интерес за дестабилизација на регионот“.
„Русија тоа го гледа како потенцијален втор фронт, а ние мора да направиме сè што можеме за да ја зачуваме стабилноста во регионот. Исто така, мора јасно да ставиме до знаење дека и нашата војска многу внимателно ја следи ситуацијата“, рече Шахин, која е и копретседавач на Сенатската група за набљудување на НАТО.
Наведувајќи дека НАТО има сили на Косово и мисија на ЕУФОР во БиХ, таа истакна дека САД мора „да се погрижат Русите да знаат дека тие сили се во состојба на висока подготвеност и дека следат што се случува“.
Шахин рече дека САД мора да обезбедат сузбивање на руската хибридна војна каде и да е можно, бидејќи тоа не е само во интерес на Америка, туку и на европските сојузници.
Шахин додаде дека Русија не спроведува хибридна војна само долж источното крило на НАТО, туку ја користи и Србија како „транзитна точка“.
Според нејзините зборови, и на сослушувањето во Комитетот за надворешни работи една од темите била „фактот дека Србија послужила како транзитна точка за Русите при изведувањето на нападот во Лајпциг. Потоа тие се вратиле во Србија“.
Германија на почетокот на септември ја обвини Русија дека извела „хибриден напад“ кој вклучувал дрон наполнет со експлозив и кој на почетокот на август ги наруши летовите на аеродромот во Лајпциг.












