Екипата на ТФТ Скопје продолжува со засилувањето за новата сезона, и сега го претстави своето второ странско име во ростерот. По Американецот Накавиеон Вајт, во Тафталиџе пристигнува и репрезентативецот на Гвинеја, Секу Сила, кого клубот го промовираше со прекарот Машината за Дабл-Дабл. Сила зад себе има одлична сезона во дресот на шведскиот Копинг старс, каде што беше меѓу најдоминантните центри во првенството. Во просек бележеше по 21,6 поени и 10,7 скока на натпревар, со што се вброи меѓу најпродуктивните кошаркари во лигата.
Во својата кариера има настапувано и во НЦАА-лигата во САД, како и во Австралија, Финска, Словачка и во Доминиканската Република, а сега првпат ќе игра во македонското првенство.
Од ТФТ очекуваат тој да биде големо засилување во битката за трофеи на домашната сцена, но и во АБА2-лигата, каде што скопскиот клуб минатата сезона стигна до големото финале.











