Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денес предупреди дека сезоната на пожари е далеку од завршена и го започна своето обраќање пред Советот на министри изразувајќи длабока тага за пожарникарите кои вчера ги загубија животите борејќи се со пожарот.
„Сè уште имаме тешки денови пред нас“, рече Мицотакис, апелирајќи до граѓаните да покажат „најголема претпазливост“.
Мицотакис нагласи дека државата им оддава почит на загинатите пожарникари, стои со нивните семејства и ги засилува своите активности за да може Грција поефикасно да се заштити од климатската криза, пренесува „Катимерини“.
Тој, исто така, зборуваше за големиот притисок што моментално го доживуваат многу европски земји, истакнувајќи дека Франција и Шпанија се борат со големи пожари, на кои Грција им помага преку Европскиот механизам за цивилна заштита.
Во овој контекст, Мицотакис, исто така, потсети дека Грција ја презеде водечката улога во европскиот договор за рестартирање на производствената линија на противпожарниот авион „канадер“, истакнувајќи дека првиот нов авион ќе биде испорачан во Атина во 2028 година, со што ќе се зајакне воздушната флота за гаснење пожари. „
Сè уште имаме тешки денови пред нас и традиционално тежок месец, август. Навистина сакам да ги замолам сите наши сограѓани за максимална претпазливост. За жал, дури и денес, додека зборуваме, имаме многу пожари што се случуваат поради груба небрежност“, рече Мицотакис, нагласувајќи дека оние што предизвикуваат пожари се строго казнети по закон.
Тој нагласи дека „државата ќе направи што мора, колку што може“, но и дека бара помош од сите граѓани, со цел што е можно повеќе да се ограничат негативните последици од пожарите ова лето.












