Стерлинг Браун деновиве официјално беше претставен пред литванската јавност како нов играч на Жалгирис, а на Денот за медиумите во Каунас, се осврна и на периодот поминат во Партизан.

Американецот не го криеше разочарувањето од случувањата во белградскиот клуб минатата сезона, посочувајќи дека било исклучително тешко да се задржи фокусот во такви околности.

Браун особено го истакна фактот што Партизан во една сезона имаше дури тројца различни тренери, додека составот постојано се менуваше со нови играчи што влегуваа во ротацијата.

  • Не беше лесна година, особено од психолошки аспект. Тројца различни тренери во една сезона и многу нови играчи што влегуваа во ротацијата. Беше многу тешко да се остане целосно фокусиран и да се бориш за победа на секој натпревар – изјави Браун.

Тој додаде дека играчите истовремено морале да се справуваат и со случувањата надвор од теренот, што дополнително влијаело на атмосферата во тимот.

Американецот се присети и на убедливиот пораз од Жалгирис во декември, кога беше декласиран Партизан со неверојатни 109:68. Според него, тој натпревар бил последица на целосната психолошка исцрпеност на екипата.

  • Тоа беше момент на целосна психолошка исцрпеност на целиот тим. Не знам како поинаку да го опишам, освен како целосно прегорување – емоционално прегорување – објасни тој.

Тој потенцираше дека мора да се задржи професионалниот пристап без разлика на проблемите, но призна дека во таква ситуација, воопшто не било едноставно тоа.

Американецот помина две сезони во Партизан и имаше значајна улога во составот. Неговата форма, сепак, варираше во текот на периодот во Белград, со натпревари на кои беше меѓу најдобрите, но и моменти кога не успеваше да го покаже својот максимум.

Сега има нов предизвик во кариерата. Тој го засили Жалгирис и ќе се обиде со него да го остави зад себе турбулентниот период во Белград и да почне нова европска приказна.

ИЗДВОЕНИ