среда, октомври 28, 2026
Дома БАЛКАН ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД КАЈ ИЗРАЕЛСКАТА АМБАСАДА ВО БЕЛГРАД: Напаѓачот е убиен!

ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД КАЈ ИЗРАЕЛСКАТА АМБАСАДА ВО БЕЛГРАД: Напаѓачот е убиен!

335
Фото: Министерство за внатрешни работи Србија

Србија е под највисоко ниво на терористичка закана откако малолетник нападна жандарм пред Амбасадата на Израел во Белград, а министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ откри дека безбедносните служби претходно го следеле напаѓачот, кој беше убиен за време на судирот со полицискиот службеник.

Дваесет и четиригодишен странски државјанин е убиен синоќа на булеварот „Кнез Александар Караѓорѓевиќ“ број 47 во Белград – локација каде што се наоѓа Амбасадата на Израел во Србија – изјавија од итната медицинска помош за новинската агенција „Танјуг“.

Ивица Дачиќ, заменик-премиер и министер за внатрешни работи (во технички мандат), изјави дека синоќа, 15 минути по полноќ, во Белград се случил терористички напад насочен кон припадник на Жандармеријата, кој ја обезбедувал израелската амбасада. По инцидентот, нивото на терористичка закана е подигнато на највисоко можно ниво, а зголемено е и присуството на полицијата на клучните локации.

„Едно малолетно лице, чиј идентитет сè уште не е утврден, но за кого постои сомневање дека е од Шабац – нападна припадник на Жандармеријата со два ножа, извикувајќи ’Алаху Акбар‘“, изјави Дачиќ, според соопштението објавено утрово од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Тој додаде дека припадникот на Жандармеријата го неутрализирал напаѓачот во самоодбрана, но притоа се здобил со полесна повреда – исеченица на лицето – нанесена со еден од ножевите користени во нападот.

„Во тек е истрага, а наскоро ќе бидат познати и сите детали. Со оглед на тоа што овој терористички напад се случи на наша територија, а во мојство на министер за внатрешни работи надлежен за вакви прашања, го подигнав нивото на терористичка закана на највисоко можно ниво – ’црвено‘ ниво“, објасни Дачиќ. Тој појасни дека тоа подразбира засилен надзор и зголемено полициско присуство на локации од посебно безбедносно значење, вклучително и инфраструктурни објекти и места каде што се собираат голем број граѓани.

„Сакам да повторам дека за време на терористичкиот напад извршен синоќа, припадник на Жандармеријата – кој ја обезбедувал израелската амбасада и го неутрализирал напаѓачот – се здобил со полесни повреди. Иако неговиот идентитет сè уште не е утврден, нашите служби го следеле и познато е дека тој бил поддржувач на ’Исламската држава‘. На својот профил на Инстаграм, тој имал истакнато црно знаме и амблем на ’Исламската држава‘“, рече Дачиќ. Тој додаде дека, заедно со директорот на полицијата, генералот Драган Васиљевиќ, го посетил повредениот припадник на Жандармеријата, кој е во добра состојба и се очекува подоцна денес да биде отпуштен и испратен дома.

ИЗДВОЕНИ