Во Младинскиот културен центар во Скопје, на 2 јуни со почеток од 20:00 часот, премиерно ќе биде одиграна претставата „Теорема, леме“ според филмот и романот на Пјер Паоло Пазолини, кој првпат се поставува на театарска сцена во државава. Претставата е во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ од Црна Гора, а во продукција на независниот театар „Златен Елец“, кој има над 20 продукции, вклучувајќи ја и најновата претстава.

– Доколку ви се јави Господ со чудо, дали мислите дека ќе се смените вие – вашата природа? Или, пак, ќе останете онакви какви што сте биле пред да се случи чудото? Ова прашање го поставува Пазолини во својот роман, а и ние во претставата. Во свет воден од капитализам, војни и лажна слика за себеси, можно ли е да доживееме нешто метафизичко, кое ги проширува границите на објективната стварност? Што ако го доживееме и потоа го снема? Како ќе се справиме со отсуството? Какви последици ќе остави оној што заминува кај оној што останува и чека? Претставата не треба да се гледа низ призмата на реализмот, туку на параболата. Но, асоцијациите што ќе ги предизвикаат сцените што ги гледате пред вас и она што ќе го поттикнат во вас (надежно) е, без сомнение, и во најмала рака реално – вели драматургот на претставата, Ева Камчевска.

Во „Теорема, леме“ играат актерите Златко Митрески, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, Марија Карилоска и Бранко Михајлоски, костимографијата е на Лина Лековиќ, преводот на Наташа Сарџоска, а драматург е Ева Камчевска. Фотографиите се на Јордан Звездоски, координатор на проектот е Бобан Алексоски.

Овој проект е активност поддржана во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се спроведува од страна на „Хартефакт фонд“ од крајот на 2024 до крајот на 2028 година и на Министерството за култура и туризам.

Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Македонија, користејќи ги културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и на општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции.

На 3 јуни претставата ќе учествува во рамките на манифестацијата „Скопско лето“, во Сули а,н со почеток во 20:30 часот. Претставата ќе гостува на неколку места и фестивали, а од септември повторно ќе има изведби во Скопје.

Театарот „Златен Елец“, освен претставата „Теорема, леме“, интензивно ја подготвува и втората премиера ова лето, во јули, во Центарот за култура во Битола, дуодрамата „Свињи“ по текст на Томислав Зајец, во режија на Тамара Стојаноска. Во јули продолжуваат и изведбите на „Сина сенка“ по текст на Брајан Рејнолдс, а во режија на Тамара Стојаноска, во Скопје и на летните фестивали во Србија и во Црна Гора.

 

ИЗДВОЕНИ