Играњето тенис е причина за тениски лакот само во 5 % од случаите, во другите случаи 95 % тоа се други специфични повторувачки активности и занимања. Меѓу професиите, најчесто се јавува тениски лакот кај шумарите, молерите, автомеханичарите, водоинсталатерите, керамичарите, готвачите, ѕидарите, фабричките работници, папучарите, хирурзите и стоматолозите, вели физиотарапевтот Илија Жежов
Тенискиот лакот или латерален епикондилитис е еден од најчестите синдроми на прекумерна употреба што се карактеризира со болка и чувствителност во областа на надворешната страна на лакотот. Тоа се случува како одговор на прекумерна активност на екстензорните мускули на подлактницата, кои се преоптоварени и се создава воспаление во нивните тетиви.
Името го добил поради тоа што често се појавува кај тенисерите, поради специфичните движења и оптоварувања на екстензорите на подлактницата при држење на рекетот и при играње тенис.

Но, играњето тенис е причина за тениски лакот само во 5 % од случаите, во другите случаи 9 5% тоа се други специфични повторувачки активности и занимања. Меѓу професиите, најчесто се јавува тениски лакот кај шумарите, молерите, автомеханичарите, водоинсталатерите, керамичарите, готвачите, ѕидарите, фабричките работници, папучарите, хирурзите и стоматолозите.
Симптоми и дијагноза на тениски лакот:
Најчесто се јавува болка во пределот на надворешната страна на лакотот, оток во пределот на надворешната страна на лакотот, болка при движење на зглобот на лакотот, отежнато извршување на работата и на секојдневните активности поради болки во пределот на лакотот, црвенило во пределот на надворешната страна на лакотот, намалена јачина на раката, тешко вртење на клучевите во бравата, слабост на стисокот при ракување и болка во лакотот при спиење.
Дијагностика при утврдувањето
Најчесто се зема предвид медицинската историја за да се утврди дали има стара повреда или дефицит во пределот на лакотниот зглоб.
– Клинички преглед – Физиотерапевтот или лекарои врши детален преглед на зглобот на лакотот за да се утврди нивото на болка и колку е намалена подвижноста во зглобот.
– ЕМНГ – Се проверува спроведувањето на импулсите по нервите на раката и со која брзина се спроведуваат, може да се провери и електричната активност на зафатените мускули во пределот на лакотот.
– Рендген – Се прави за да се утврди потенцијално присуство на артритис во областа на зглобот на лакотот.
– МНР – Се прави насочена кон цервикалниот ‘рбет за да се провери присуството на испакнување на дискот што ги компресира нервите што се протегаат до пределот на лакотот. Со детален преглед и со насочен план и програма за рехабилитација, брзо и долгорочно може да се постигне целта кај ваквата состојба.
Физикална терапија и рехабилитација за тениски лакот
Со физикалната терапија се врши намалување и елиминирање на болката во пределот на лакотот и на околните мускули, намалување / елиминирање на отокот во областа на надворешната страна на лакотот, враќање на нормалната и безболна подвижност на зглобот на лакотот, враќање на силата на целосната рака и подлактницата и му овозможува на пациентот да се врати на работа без болка и ограничувања.
Видови терапија и нивните ефекти
– Сува игла – Го користиме за опуштање на хипертоничните (пренапнати) мускули на подлактницата, кои се главни виновници за синдромот на тениски лакот, а ја стимулираме и регенерацијата на тетивите на нив.
– Медицински конец – Применуваме компресија со гумени ленти за слободно движење, намалување на болката и за зголемување на функцијата на лакотниот зглоб.
– Кинезиотирање – Ни служи како помошна техника за одржување и подобрување на ефектите од терапијата со суви иглички, медицински конец и насочени терапевтски вежби.
– Вежби за истегнување – ги користиме за опуштање и за зголемување на флексибилноста на екстензорите на подлактницата со цел да се намали притисокот врз зглобот на лакотот и да се зголеми подвижноста.
– Вежби за зајакнување – На крајот од самата рехабилитација, се работи на јачината на екстензорите на подлактницата за мускулите да бидат подготвени за потешки активности и за да не се врати синдромот.
Физикалната терапија може да трае 21 ден, но и повеќе, во зависност од самата повреда и од дијагнозата.
(Автор на текстот е Илија Жежов, физиотерапевт и специјалист по здравствен фитнес. Ординација за физикална терапија ФИЗИОТЕРАПЕВТ – ЗДРАВЈЕ)












