Како што вели за весникот ВЕЧЕР професорката Ана Мартиноска, презентацијата на сликите и тажаленките од скопскиот земјотрес во проектот „Архив на тага“ во Музејот на Град Скопје, 63 години по 1963 година, нè тера да ги поставиме прашањата: Дали ја чуваме меморијата од заборав? Како го третираме нашето културно наследство? Што научивме од колективната траума на скопскиот земјотрес?
Во Музејот на Град Скопје синоќа (26 јули) се одржа посебен настан, кој не беше само збир на тажни слики и зборови, ниту само крик од минатото, туку можност за преиспитување на нашето општество денес, 63 години по 1963 – денот на катастрофалниот земјотрес во Скопје, една од најдлабоките рани на главниот град.
Пред бројните присутни се отвори изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, со фотографии од македонскиот етномузиколог Васил Хаџиманов (1906-1969), снимени од тажачките обреди по земјотресот, а беше промовирано и дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов.

– Во легатот на Васил Хаџиманов во Архивот „Харалампие Поленаковиќ“ во МАНУ, има огромен број архивски документи од сите видови, записи на народни умотворби, научни текстови, белешки од теренската работа, лични документи итн. Меѓу нив, поврзани со скопскиот земјотрес и неговиот ангажман за документирање на оваа голема катастрофа се над 200 тажаленки, од кои некои се снимани на магнетофонски ленти, за некои има белешки и нотни записи запишани на рака, а многу мал дел се отчукани на машина за пишување. Во посебен коверт беа пронајдени и околу 170-180 фотографии, делумно од разурнатото Скопје, но доминантно од тажачките обреди што се изведувале на гробиштата на жртвите, на закопите и помените – вели коавторката на изложбата и на книгата, Ана Мартиноска, за весникот ВЕЧЕР.

Според авторите Мартиноска и Иванов, книгата и изложбата се, всушност, два влеза во истиот архив: преку зборот и преку фотографијата, преку гласовите на жените што ја оплакувале загубата и преку погледот што ги зачувал нивните лица, движења и обреди.
Да потсетиме, во 2023 година, со над 200 тажачки песни од архивските материјали на македонскиот етномузиколог Хаџиманов беше објавена монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г.“, во издание на Институтот за македонска литература. Монографијата беше подготвена од Ана Мартиноска и Жарко Иванов, по пронајдените песни со тематика за скопскиот земјотрес во легатот на Васил Хаџиманов во МАНУ.
Според авторите, тогаш нивната првенствена намера била да пред научната и поширока јавност да се претстави еден долго време недостапен корпус од македонското фолклорно наследство.
– Ракописните и звучните записи што ги создал Хаџиманов непосредно по катастрофалниот земјотрес, на погребите и на помените на жртвите, повеќе од шест децении останале расеани во неговата архивска оставина. Нивното пронаоѓање, дигитализирање, расчитување и приредување ни овозможи да ги вратиме во јавниот и во научниот простор гласовите на луѓето што ја изразувале својата загуба преку еден од најстарите, а истовремено и најмалку проучувани фолклорни жанрови – посочуваат авторите.
Книгата ја доби државната награда „Гоце Делчев“ за 2024 година, за особено значајно научно остварување, како и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.

Сега објавеното дополнето и двојазично издание „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“/„Laments from the 1963 Skopje Earthquake (From the Archival Materials of Vasil Hadzimanov)“, според Мартиноска и Иванов, пак, е плод на интересот за книгата надвор од македонскиот научен простор, но и од сознанието дека не била целосно завршена работата со архивата на Хаџиманов со изданието од 2023 година.
– Натамошното пребарување донесе дополнителни белешки и фотографии што ги направил Хаџиманов во разурнатото Скопје, на гробиштата во Бутел и при погребните обреди. Дел од овие документи се вклучени во новото издание и го прошируваат сведоштвото за околностите во кои биле снимени тажачките песни. Ова издание е дополнето со музиколошки прилог на Вера Милошевска-Јосифовска, кој ја проширува анализата на мелодиските, ритмичките и изведувачките особености на материјалот – истакнуваат Мартиноска и Иванов.

Како што додава за весникот ВЕЧЕР професорката Мартиноска, презентацијата на сликите и тажаленките од скопскиот земјотрес во проектот „Архив на тага“, 63 години по 1963 година, нè тера да ги поставиме прашањата: Дали ја чуваме меморијата од заборав? Како го третираме нашето културно наследство? Што научивме од колективната траума на скопскиот земјотрес?
– За жал, одговорот не може да биде ни најмалку задоволувачки. Не е благодарно да се генерализира, но кај нас третманот на културното наследство е повеќе оставен на ентузијазмот и на несебичниот влог на индивидуи отколку плод на некаква осмислена, долготрајна и сеопфатна стратегија на надлежните институции. Начинот на кој се однесуваме кон тоа наследство многу зборува за државата и за нашиот однос кон историјата, традицијата, меморијата. Тие не смеат да се сведат на прашање што се врзува само со архивите и музеите, туку грижата за нашето наследство треба да биде сеприсутна, во јавната сфера, во образовните програми, во медиумите, но, пред и над сè, во свеста на секој од нас – вели Мартиноска.
Таа истакнува дека крикот од минатото е потсетник за нашиот идентитет, но и за нашата одговорност како долг кон наредните генерации и нашата подготвеност да извлечеме поуки што ќе нè направат поодговорно општество.
– Конкретно во однос на скопскиот земјотрес, колективната траума ја покажува фрагилноста на човекот пред надмоќноста на природата (или „Божјата волја“) и неможноста да се контролира таа од страна на луѓето, што ја прави особено податлива за проследување на тоа во која мера таа непредвидлива и незапирлива надворешна траума го дестабилизира целото општество. Таа функционира како момент на радикален прекин што ги разбива физичкиот простор (градот, објектите, домовите), временскиот континуитет (кој започнува да се брои пред, за време и по трауматскиот настан), психолошката стабилност на огромен број непосредни сведоци, обидот за зачувување на меморијата и процесуирање на тагата низ различни културни форми. Не сум сигурна дека ја научивме оваа лекција – децидна е професорката. (Н. И. Т.)
Фото: Дарин Ангеловски












