На полноќ, „Макпетрол“ ја намали малопродажната цена на течниот нафтен гас, односно плин, за 5 денари од литар, од 59 на 54 денари. Истовремено, во трговијата на големо е евидентирано намалување од 10 денари за килограм, што во пресметка значи приближно 5 денари од литар, соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.
Она што е особено значајно е дека и другите компании на пазарот го следат овој тренд. Во малопродажба, цените на течниот нафтен гас на бензинските станици веќе се намалени во распон од 5 до 6 денари за литар и се движат од 53 до 54 денари.
– Сакам јасно да потенцирам дека ова намалување не е резултат на краткорочна пазарна случајност, туку е резултат на анализа од страна на ДПИ и преку договор и преземена одговорност од страна на трговците, за намалување на бруто-маржите. Постигнавме согласност овие маржи да бидат намалени и да се задржат на тоа ниво и во наредниот период, да немаме осцилации, кои сега ќе ги имаме, оваа недела кон намалување, а следната би имале зголемување, што значи дека ќе имаме намалување за повеќе од 10 % во трговијата на големо и за 9 до 10 % во малопродажбата – вели Митева.
Оваа мерка, како што рече, дошла преку аргументирана анализа и институционално дејствување.
– Врз основа на детална анализа спроведена од Државниот пазарен инспекторат, беа детектирани просторите за корекција во ценовната структура, по што следуваа разговори со трговците и постигнување договор за намалување на бруто-маржите – појасни портпаролот на Владата.












