Управата за јавни приходи (УЈП) ја започнува третата фаза од имплементацијата на проектот е-Фактура, со што на деловните субјекти им овозможува пристап до веб-апликација за тестирање на системот за електронска размена на фактури. Како што информираат од УЈП, новата фаза претставува значаен чекор во подготовките за идната примена на системот, овозможувајќи им на компаниите практична тест-околина за креирање, испраќање, прифаќање, одбивање и сторнирање на електронски фактури.

Проектот досега се реализираше во две фази. Во првата фаза беше тестирана интеграцијата на ЕРП-системите на компаниите со платформата е-Фактура, додека во втората беа воведени дополнителни API-сервиси за преземање, прифаќање, одбивање и сторнирање на електронски фактури, како и тестирање на повеќе даночни индикатори. Од Управата посочуваат дека со овие надградби биле направени измени во структурата на API-повиците и JSON-форматот, поради што компаниите ги усогласувале своите системи со новите технички спецификации.

Во рамки на третата фаза, веб-апликацијата ќе им овозможи на сите компании, без разлика на нивната големина или степенот на техничка подготвеност, полесен пристап до тестирањето на системот. Апликацијата поддржува тестирање на општа фактура со 12 даночни индикатори и има за цел да ја олесни постепената адаптација на бизнис-секторот кон новиот модел на електронско фактурирање.

За потребите на структурираното тестирање, УЈП воспостави соработка со околу 200 компании кои ќе учествуваат како избрани тестирачи. Тие, во координација со назначени даночни агенти од Управата, ќе спроведуваат тестирања на однапред дефинирани сценарија и редовно ќе доставуваат повратни информации за функционирањето на системот.

Паралелно со техничките активности, Управата продолжува со едукативни активности насочени кон деловната заедница. Досега се реализирани околу 30 информативно-едукативни средби во соработка со стопанските комори, бизнис-асоцијациите и други здруженија, на кои биле презентирани клучните функционалности и процеси поврзани со системот е-Фактура.

Во наредниот период се најавени дополнителни средби со компании од повеќе региони во земјата, како и објавување на вебинар и детално корисничко упатство, кои ќе обезбедат дополнителна поддршка за сите субјекти што ќе го тестираат системот. Од УЈП упатуваат повик до компаниите активно да се вклучат во тестирањето на веб-апликацијата и да доставуваат забелешки, предлози и препораки со цел понатамошно унапредување на функционалностите и даночните индикатори. Особен акцент се става и на компаниите кои немаат назначен даночен агент. Од Управата ги охрабруваат и овие субјекти да пристапат кон тестирање на системот и навремено да пријавуваат евентуални технички потешкотии или забелешки, со цел обезбедување поефикасна и поквалитетна имплементација на проектот е-Фактура.

ИЗДВОЕНИ