Владата работи на деблокирање на евроинтеграциите, опозицијата бара транспарентност
Македонија бара излез од европскиот ќор-сокак преку разговори што ги води Владата зад затворени врати, но со уверување дека нема да има отстапки за клучните национални прашања. Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, тврди дека се бара трајно и одржливо решение за деблокирање на интеграциите, со јасно поставени црвени линии за идентитетот, јазикот, историјата и културата. Тој вели дека не може јавно да бидат објавени деталите за да не се загрози процесот, додека опозицијата прашува како може да се договара европската иднина на државата без јавноста. СДСМ обвинува дека „тајната дипломатија“ отвора сомнежи за можни отстапки, а Владата возвраќа дека целта е решение што нема повторно да ја врати Македонија во блокада
Разговори за деблокирање на европската интеграција на Македонија се водат, но деталите засега остануваат зад затворени врати. Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, уверува дека Владата работи на трајно и одржливо решение, но нагласува дека нема да прифати договор „по секоја цена“ и дека прашањата поврзани со идентитетот, јазикот, историјата и културата се црвени линии од кои нема да се отстапи. Во интервју за МИА, тој порача дека граѓаните треба да бидат спокојни оти Владата ги следи националните позиции и бара решение што нема повторно да ја доведе државата во состојба на неизвесност на европскиот пат. Муцунски откри дека продолжува комуникацијата со европските партнери, но дека објавување на деталите од разговорите би можело да го загрози нивниот успех. Според него, целта е да се создаде предвидлив процес што ќе овозможи напредок кон ЕУ, без нови условувања и ризици за националните интереси. Во меѓувреме, опозицијата ја критикува власта за нетранспарентност и прашува како може да се договара иднината на европскиот пат без да знае јавноста што се разговара.
– Разликата помеѓу оваа Влада и претходните влади е што ние не сме подготвени за попустливост за прашањата поврзани со идентитетот, историјата, јазикот и културата и затоа ние често зборуваме за тоа дека има разговори. Ние не смееме да ги споделуваме деталите од тие разговори, бидејќи ако почнеме да ги споделуваме со јавноста, тогаш ги осудуваме на неуспех. Но, граѓаните треба да бидат спокојни дека нашата Влада јасно знае како го има добиено својот легитимитет, јасно го следи ставот на граѓаните во однос на ова прашање и има јасно нацртани црвени линии, позиции и прашања за кои не е подготвена да преговара. Така што работиме на решение, но, ќе повторам, не решение по секоја цена и не решение што само по себе нема да биде одржливо и ќе создава ризици повторно да бидеме во оваа ситуација во која се наоѓаме сега – вели шефот на македонската дипломатија.
Во однос на критиките од опозицијата дека стагнираме на европскиот пат и дека нема напредок кон ЕУ, како и повикот за политички консензус од евроамбасадорот Михалоис Рокас како еден од клучните услови, Муцунски додава и дека, несомнено, е потребен политички консензус за ова прашање и упати критики до опозицијата за, како што вели, грешките во минатото и немањето капацитет да ги согледа последиците од одлуките во 2021 и 2022 година. Тој потсети на Резолуцијата донесена во македонското Собрание пред пет години.
– Пред речиси точно пет години, на 29 јули 2021, ние во Собранието постигнавме политички консензус со резолуција поврзана со држaвните позиции поврзани со националниот интерес. Тука мислевме на идентитетски, историски и други прашања. Ако се сеќавате, скоро со консензус ја изгласавме таа резолуција, но тогашната влада на ДУИ и на СДСМ во рок од неколку месеци потоа го погази тој консензус. Инаку, ако ме прашувате дали ни е потребен консензус, одговорот е да, без никаква дилема. Но, тука прво опозицијата мора да почне да живее во рамките на реалноста, а реалноста е дека нејзината попустливост и немањето капацитет далекосежно да се гледаат последиците од тоа што се случуваше во 2021 и 2022 година нè доведоа до оваа позиција до која сме сега – вели министерот.
Муцунски вели дека доколку т.н. француски предлог бил добар, немало секој да има различно толкување за тоа кои се нашите обврски во него, туку ќе сме имале јасна слика за тоа што се очекува од нашата држава.
Одговарајќи на прашање за иницијативите во вид нон пејпери за текот на проширувањето и предлозите за постепено интегрирање, министерот за надворешни работи вели дека се радува на фактот што политиката за проширување повторно добива засилено значење во рамките не само на институциите на Европската Унија туку и кај земјите членки.
– Позитивното што треба ние да го гледаме е што сите јасно ни нагласија дека политиката на проширување нема да се димензионира на таков начин што ќе се гледаат овие процеси како алтернативи за проширувањето, односно останува моментот на полноправно членство за сите земји како кандидати, но политиката за постепено интегрирање да се модернизира за до моментот на полноправно членство да има одредени можности што ќе можат да ги искористуваат земјите кандидати. Тоа е вака, упростено да кажеме, дискусија што се случува. Ние ја сметаме истата за позитивна – вели Муцунски.
Разговорите за деблокирање на европската интеграција, според шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, се водат со јасно поставени црвени линии, но токму одлуката деталите да останат недостапни за јавноста отвори нова политичка расправа. Додека Владата уверува дека се бара одржливо решение што нема да ги загрози идентитетот, јазикот и националните интереси, опозицијата обвинува дека граѓаните имаат право да знаат што се разговара во нивно име. Од СДСМ реагираат дека „иднината на државата не смее да се договара зад затворени врати“ и го обвинуваат Муцунски дека со најавите за тајни разговори создава неизвесност наместо транспарентност. Според опозицијата, власта ја користи реториката за „црвени линии“ за да ги прикрие, како што вели, сопствените отстапки и отстапувањето од ставовите што ги имала пред доаѓањето на власт.
– Не постои земја во светот во која министер за надворешни работи јавно кажува дека води разговори за судбината на државата, но тие се тајна. Како може иднината на Македонија да биде тајна за нејзините граѓани? – прашуваат од СДСМ.
Оттаму посочуваат дека премиерот Христијан Мицкоски го нарекол Преспанскиот договор „ремек-дело на дипломатијата“, претседателката Сиљановска-Давкова изјавила дека националниот идентитет, јазикот и културата се целосно заштитени и апсолвирани и дека токму Муцунски изјавил дека НАТО е одлична работа.
– Значи сите тројца го потврдија успехот на претходната влада и ја пофалија нејзината дипломатија. За какви „попуштања“ зборува Муцунски? И уште нешто важно: претходната влада на СДСМ, покрај дипломатските успеси (НАТО и почеток на преговорите со ЕУ), беше, пред сѐ, транспарентна. Не работеше зад затворени врати и далеку од очите на јавноста – велат од опозициската партија преку соопштение.
Темата за деблокирање на европскиот пат повторно се врати во фокусот по последните пораки од европските претставници дека Македонија има перспектива за членство, но дека за напредок се потребни реформи и политичко единство. Евроамбасадорот Михалис Рокас неодамна порача дека останува отворена вратата на Европската Унија, но дека земјата мора да го забрза спроведувањето на реформите и да постигне поширок политички консензус за клучните прашања. Во игра влегоа и европските дебати за постепено интегрирање на земјите кандидати.
Додека Брисел повторува дека останува отворена европската врата за Македонија, дома има судир на две гледишта: едното е дека е потребно исполнување на преземените обврски и реформи, а другото дека нови условувања не смеат да го загрозат националниот интерес. (В. С. Н.)
„Виза вејвер програма“ со САД
Во однос на стратешкото партнерство со САД и неодамнешната средба во Вашингтон со заменик-државниот секретар Кристофер Ландау, министерот Муцунски вели дека една од темите за кои зборувале е да се отвори процесот на преговори со САД за таканаречената виза вејвер програма.
– Сакам јасно да кажам пред граѓаните дека тоа не е процес што се случува прекуноќ, туку тоа ќе бидат повеќегодишни преговори. Но ние, од наша страна, веќе ја подготвуваме работната група што треба да нè застапува во тој процес и очекуваме во некоја блиска иднина да ги почнеме и официјалните разговори – вели шефот на македонската дипломатија.
Муцунски во интервјуто за МИА открива и дека до крајот на годината ќе се отворат две амбасади на земјава во странство: во Литванија поради тоа што, како што кажа, тоа е најголемата и една од највлијателните земји во Балтикот и го презема претседавањето со ЕУ на почетокот од следната година, и во Саудиска Арабија – од стратешка и економска, трговска природа, а во Корча ќе биде отворен конзулат поради македонското национално малцинство во Албанија.












