среда, јули 29, 2026
Дома СВЕТ „Тајмс оф Израел“: Трамп и Нетанјаху разговараа за три сценарија за Иран

„Тајмс оф Израел“: Трамп и Нетанјаху разговараа за три сценарија за Иран

141
Фото: EPA/ABIR SULTAN

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не инсистираше на никаква специфична стратегија за Иран за време на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Овалната соба, но двајцата лидери разговараа за три можни сценарија, изјави висок израелски функционер за „Тајмс оф Израел“.

Според него, тие разговарале за можноста за постигнување дипломатски договор со Техеран, сценарио во кое нема да има договор, но САД ќе продолжат да вршат притисок со економски санкции без нова војна, како и за трета опција – започнување нова голема воена офанзива против Иран.

Функционерот нагласи дека средбата била „размена на идеи“, а не обид Нетанјаху да го убеди Трамп да ги обнови американските напади врз Иран.

Како што изјави, Нетанјаху не му препорачал ниту едно од трите сценарија на Трамп, но изразил сомнежи дека Иран ќе го почитува секој договор што ќе го потпише.

Лидерите, додаде тој, детално разговарале за предностите и недостатоците на секоја од понудените опции, вклучувајќи го и предизвикот како истовремено да се зачува стабилноста на енергетските пазари и светската економија, а воедно да се продолжи со притисокот врз Техеран.

Висок израелски функционер оцени дека иранскиот режим, и покрај тоа што ги преживеал најтешките удари што САД и Израел ги нанеле во последните месеци, денес е многу послаб отколку што изгледа. Според него, Иран се соочува со невидени економски тешкотии и повторно оживување на протести од мал обем.

 

ИЗДВОЕНИ