EPA/MAST IRHAM

Организаторите на престижниот егзибициски турнир „Сикс кингс слем“ ги потврдија учесниците за годинашното издание, кое ќе се одржи од 21 до 24 октомври во Ријад, Саудиска Арабија.

На турнирот ќе настапат шестмина од најдобрите светски тенисери – Новак Ѓоковиќ, Јаник Синер, Карлос Алкарас, Александер Зверев, Тејлор Фриц и Алекс де Минор. За австралискиот тенисер ова ќе биде прво учество на спектаклот, додека останатите веќе беа дел од претходните изданија.

„Сикс кингс слем“ не носи АТП-бодови, но важи за еден од најатрактивните егзибициски турнири во светот благодарение на силната конкуренција и богатите парични награди. Минатата година, титулата ја освои Јаник Синер, кој во финалето беше подобар од Карлос Алкарас.

Љубителите на тенисот повторно ќе имаат можност да гледаат дуели меѓу најголемите имиња во овој спорт, а организаторите најавуваат уште едно спектакуларно издание на турнирот, кој за кратко време стана еден од најпривлечните настани надвор од официјалниот АТП-календар.

ИЗДВОЕНИ